Број 3283  сабота, 15 мај 2010
прва страница Архива контакт редакција маркетинг претплата
Втора страница
На прво место
Политика
Македонија
Економија
Хроника
Едиторијал
Анализа
Мислења
Свет
Култура
Спорт
Скопје
Забава
Некролог
Хороскоп
Што прават денеска
Стил

Site Meter
Култура

Музејските поставки ни се архаични

Во чест на 18 мај, музејски работници побараа поголема почит на нивната стручност

Катерина Богоева

Кавадарци - Постојаните музејски поставки и музеите во Македонија беа тема на советувањето што вчера, по повод Меѓународниот ден на музеите - 18 мај беше одржано во градот на културата Кавадарци, во организација на Македонскиот национален комитет на Меѓународниот совет на музеите - НК ИКОМ. Актуелната состојба со музејските поставки во земјата накусо беше окарактеризирана како архаична од страна на претседателката на НК ИКОМ, Захаринка Алексоска Бачева, која се повика на направената анализа во земјата од 2000 година до денес. Архаичната состојба ја карактеризираат застарените методи за презентација, но и нивно непостоење. Дел од постапките се создавани во 70-тите- 80-тите години на минатиот век и се сметаат за застарени во поглед на новите откритија и други научни пристави кон содржината од технолошки до дизајнерски решенија. Забелешките најмногу се однесуваат на историските поставки. Бачева посочи дека само мал број музеи на почетокот на новиот милениум потполно ги промениле поставките: музеите во Велес, Битола и Неготино, а делумни промени се направени во Струмица, Кавадарци, и во Музејот на Македонија. Само археолошки поставки се присутни во музеите во Штип, Гевгелија и Тетово. Како најдрастични примери за неадекватен третман на поставките се споменати Музејот на современа уметност и Музејот на Македонија кои со години наназад имаат проблеми со протекување на кровот што негативно се одразува на изложбениот простор. Во МСУ проблемот делумно е решен со странска донација но му недостигаат пари за уредување на внатрешниот простор, предвиден за постојаната поставка која се најавува а ја нема веќе 20 години. Музеалците посочија дека Министерството за култура и Управата за заштита на културното наследство не ги почитуваат доволно нивните стручни мислења при презентирањето на вредностите на одредени изложби и поставки. Како пример за потребата од поголем простор за презентација при што би се запазила потребна хронологија и вистинскиот музеолошки пристап беше наведена актуелната археолошка изложба во Музејот на Македонија на која се презентираат откриените предмети од минатогодишните археолошки истражувања во земјава. Меѓу многуте проблеми кои се уште постојат во музеите беа наведени недостигот на средства за откуп на предмети, непочитување на потребните стандарди за чување, земање на дела од страна на државните институции на реверс и нивно невраќање во одредено време, како и недостигот на печатен материјал, водич за поставките и др. На советувањето беше презентирана и новата поставка на Заводот и Музеј на Битола која летово според најавите ќе може и виртуелно да се погледне на музејската веб-страница а беа претставени и поставките на Музејот во Куманово. Учесниците, претставници на музеи од земјава и членови на МНК „Син штит“ и МНК „Икомос“ во чест на 18 мај ја посетија спомен куќата на народниот херој Страшо Пинџур и меморијалниот споменик на Дванаесетте ваташки младинци.


#
Статијата е прочитана 209 пати.

Испрати коментар
Најди! во Утрински
Култура
„Волстрит“ е сменет – алчноста стана легална
Владо Јоциќ
Македонија - лидер во имплементацијата на културните разлики
Јане Чаловски изложува во „Тејт“ во Лондон
Изложба „Живот во кутија“ во Прилеп
Семејни стебла“ за Денот на музеите
Средба со Томислав Османли во „Или-или“
Писателите избираат ново раководство