„Волстрит“ е сменет – алчноста стана легална
Првата голема мешаница во Кан ја направи филмот на Оливер Стоун и пресот на кој беше и Мајкл Даглас
Од нашиот известувач Сунчица Уневска
КАН – Филмот „Волстрит – парите никогаш не спијат”, кој за првпат го донесе Оливер Стоун во официјалната програма во Кан, иако прикажан надвор од конкуренција вчера го направи првиот голем прав хаос на, дефинитивно, најпосетениот фестивал во светот. Кан е местото каде навистина секој се обидува да биде присутен, а кога станува збор за премиерите и пресовите на големите режисерски имиња и актерски ѕвезди, тогаш се случува невиден циркус. Редарите по правило се безобразни, но и новинарите исто така, кои прават буквално се за да влезат. Турканицата беше таква, што многу од новинарите излегуваа уште пред да заврши филмот за да фатат ред и да успеат да влезат на прес-конференцијата, а се работи за најмалку еден час пред почетокот на конференцијата. Како и да е, да влезе успеа и вашиот репортер, а на пресот покрај режисерот Стоун, беа и Мајкл Даглас, ветеранот Френк Лангела, Џош Бролин и младите Шиа Ла Буф и Кери Малиган.
„Вол стрит не само што не се промени, туку работите станаа многу полоши, а алчноста денеска стана легална”, изјави Оливер Стоун, чие мото во продолжението на големиот хит „Вол стрит“ од 1986 „парите никогаш не спијат“ многумина го сфатија како своевиден крај на капитализмот. Интересно е дека, како што рече Стоун, тој немал никаква намера да прави сиквел од овој филм. Напротив. „Ние сметавме дека тој филм е завршен, дека тоа е готово, дека е крај на историјата на таа алчност. Мислевме дека ќе настане баланс, дека работите ќе се корегираат. Но, тоа не се случи. Клатното продолжи да се ниша и да станува се поголемо и поголемо”, одговори Стоун, на прашањето зошто воопшто се нафати по 26 години да прави продолжение на овој филм.
Во „Парите никогаш не спијат” работите се доста изменети. Негативецот Гордон Геко, кого го игра Мајкл Даглас, излегува од затвор, финансискиот титан е исчезнат, тој има нов протеже, но има и ќерка (Кери Малиган) која не сака да го види. „Нашата цел во овој филм беше да направиме своевидно истражување на Вол стрит, како беше тогаш, а како е денеска”, објаснува Стоун, но интересно е да кажеме дека и неговиот татко, а и таткото на продуцентот Ед Пресман биле брокери и работеле на Вол стрит. Затоа на прашањето, колку во оваа приказна има од нивните лични стории, тие рекоа дека нема, дека нивните татковци имале сосем поинаков стил и дека се гордееле со тоа што го работат. Стоун додаде дека тогаш правилата биле сосем поинакви и дека тој и денес мисли дека неговиот татко е чесен човек.
Новиот филм изгледа многу добро визуелно и низ симболиката која Стоун сака да му ја даде. Тој ни одблиску не е добар, оригинален и остар како што тоа беше во првенецот „Вол стрит“, но тоа и не му е цел. Стоун овде прави некоја интересна комбинација на минатото и на иднината, прави очигледно истражување и самиот на тоа колку е сменета играта, а колку се сменети луѓето. Цело време ја акцентира апсурдноста на моќта на Вол стрит, на моќта на тие велелепни зданија, на мешаницата и трката по пари, на амбициозноста низ сликите, низ симболите, низ играта со светлината и кадрите. А приказната се фокусира на карактерите, на кои работи истиот сценарист од првиот филм Стенли Вајзер.
„Ликот на Чарли Шин во претходниот филм всушност нема интегритет, додека Гордон Геко е нешто сосем поинакво. Овде фокусот го ставивме на тоа дека Геко сака моќ и пари, но ние на крајот сепак не знаеме дали тој е променет“, вели Стоун. И навистина пристапот е интересен. Геко излегува од затвор, и иако е познат како негативец, тој сепак се претвора во идол. Во овој филм ќе го искористи дечкото (Шиа ла Буф) на неговата ќерка, но само за да ја врати. Всушност акцентот, и покрај се', е на фамилијата или како што вели Стоун, на балансот меѓу љубовта и парите.
„Основата на сите зла е манипулацијата“, вели Мајкл Даглас и додава дека не е работата во парите, туку во играта. „Вол стрит – парите никогаш не спијат“ е своевидна пародија на моќта. Тоа е филм истражување, филм носталгија во која Стоун прави многу посвети на минатото, на претходниот филм, на некои познати музички секвенци, истражувајќи го времето, луѓето и филмот низ сите кадри од своето ново остварување. Секако интересен пристап, кој треба да се види, бидејќи филмот и нема голема амбиција како неговите протагонисти, туку само сака да не потсети, да не замисли, да не наврати на некои други времиња и вредности.
Сите прашања на пресот им беа упатени на Стоун и на Мајкл Даглас, кој беше доста воздржан и некако подготвен на одбрана. На прашањето за тоа каков е неговиот приватен живот, тој рече дека професионалниот приватен живот му е одличен, а исто така и приватниот, дека е среќно оженет и дека има две деца (не споменувајќи го третиот, односно првиот син кој моментно е во затвор). Даглас додаде дека има многу поважни прашања за кои треба да се зборува отколку за неговиот приватен живот, давајќи ги како пример, борбата за намалување на нуклеарното оружје или вулканската пепел. |