Македонија - лидер во имплементацијата на културните разлики
Дијалектите на македонскиот јазик и малцинските дијалекти се прогласени за културно наследство од особено значење
Невена Поповска
Експертската конференција за нематеријално културно наследството од Југоисточна Европа, во организација на Регионалната канцеларија на УНЕСКО, се одржа во Рамнику Валчеа, Романија од 3 до 7 мај годинава. Презентацијата на македонската делегација за заштитените културни добра (дијалекти и фолклорни добра) на малцинските заедници од Република Македонија на Конференцијата предизвика посебно внимание. Македонија на оваа конференција имаше двајца представници од Одделението за нематеријално културно наследство при Управата за заштита на културното наследство: Ивона Опетческа Татарчевска и Жарко Станимировиќ, кои истакнаа дека државата ја препознава својата мултикултурна реалност и дека преку имплементацијата на Конвенцијата за културните различности, се заштитува и промовира дијалектната и фолклорната разновидност на државата. Министерството за култура на Република Македонија со своите политики по однос на нематеријалното културно наследство работи на поттикнување на дијалогот на културните експресии, особено на национално ниво, преку идентификација и валоризација на културниот диверзитет. Имено, веќе станува збор за валоризација на свадбениот обреден комплекс и посмртните обичаи кај Македонците и кај Албанците, изготвени се елаборатите за валоризација на единствениот празник, Ѓурѓовден, кој заедно го прославуваат Македонците и сите малцински заедници кои живеат во Македонија: Турци, Роми, Власи и Албанци и др. Институтот за македонски јазик „Крсте Мисирков“ во соработка со катедрите за малцински јазици при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“, изработија елаборати за валоризација на поодделни дијалекти. Поголемиот број од нив се однесуваат на дијалектите на македонскиот јазик додека пет елаборати ги валоризираат малцинските дијалекти. Со одлука на Владата на Република Македонија овие дијалекти се прогласени за културно наследство од особено значење, во поткатегорија исклучително, се вели во презентацијата на македонските претставници.
„Конвенцијата за заштита и промоција на Диверзитетот во културните експресии е донесена на Генералното Собрание на УНЕСКО во Париз во 2005 година. Македонија истата ја ратификуваше на 22 мај 2007 година. За неполни три години од процесот на имплементирање на оваа конвенција, Македонија беше посочена како лидер во регионот во спроведувањето на истата“, се потенцира во заклучоците од експер��ската конференција за нематеријално културно наследство. Учесниците на конференцијата имаа можност да се запознаат со актуелната состојба со нематеријалното културно наследство во: Албанија, Бугарија, Србија, Црна Гора, Хрватска, Романија, Словенија, Босна и Херцеговина, Украина, Италија, Австрија, Естонија, Кипар, Унгарија, Молдавија, Турција, Грција и Македонија. |