20.04.2012, 17:08 Молк во Брисел за нашите очекувања во Чикаго
На министерскиот состанок на НАТО на кој се подготвуваше самитот на Алијансата, никој не прозборе за приемот на Македонија
Наспроти силните најави дека повеќе земји ќе го отворат прашањето за приемот на Македонија на самитот на НАТО во Чикаго, на министерскиот состанок изминатите два дена, кој беше завршна подготовка на средбата на врвот, нашата држава воопшто не беше тема. Според извори од Алијансата, на состанокот на министрите за надворешни работи и за одбрана се расправало за многу што, но не и за заклучокот за Македонија што нашите министри со недели бараат да се смени и да биде поповолен од тој што се провлекува од самитот во Букурешт.
Портпаролката на НАТО, Оана Лунгеску, вчера најави дека за земјите кандидати за членство - кош во кој се најде и нашата држава - ќе има сигурно заклучок во завршниот документ во Чикаго, во кој ќе се потврди политиката на отворена врата на Алијансата за нови членки, ќе се посочи прогресот направен од земјите и тие ќе се охрабрат да продолжат со реформите. Дали ќе има посебен параграф за Македонија, таа не можеше да потврди, додавајќи дека очекувањата се се' што било речено и договорено досега за Македонија, да остане. Ако се знае последниот заклучок на НАТО, министрите од декември минатата година, излегува дека ќе има повторување на политичката порака од тој состанок при што Македонија ќе се најде со ист статус во однос на приемот во Алијансата како Црна Гора, БиХ и Грузија.
Во НАТО вчера не можеа да прецизираат дали во Чикаго треба да биде повторен ставот од Букурешт за да Македонија и натаму смета дека може секоја среда да стане членка на Алијансата ако го реши спорот. Тие само порачаа дека она што како политика му е пренесено на премиерот Никола Груевски на последниот состанок со Северноатлантскиот совет и со генералниот секретар Андерс Фог Расмусен и натаму важи, и нема промена на ставовите. За потсетување, главната порака и тогаш беше дека Македонија ќе влезе во НАТО веднаш штом ќе го реши проблемот со името со Грција.
Во Македонија,пак, никој не размислува дали нов заклучок на самитот во Чикаго може да ја направи невалидна условената покана од Букурешт, колку и да не ни се допаѓа и е неприменлива во моментов. За споредба на претходните два самита во Лисабон и во Стразбур, поканата беше повторена, а за првпат на декемврискиот министерски состанок освана друг текст, но и во него имаше референца што упати на Букурешт. Тоа би создало опасност НАТО на мала врата, ако сака, да ретерира во иднина во однос на приемот на Македонија, како што го направија тоа веќе со Грузија, при што нашата држава индиректно во тоа да им помага. Она што ја држи засега цврста политиката кон Македонија е избегнувањето прашањето за прием повторно да се отвора при нерешен спор за името на државата, откако Хашкиот суд пресуди дека ветото не било легитимна одлука. (С.Ј.)
|