14.05.2012, 17:56 Марина Абрамовиќ со почесен докторат во Куба
Нејзините перформанси и инсталации денес привлекуваат големо внимание насекаде низ музеите за современа уметност во светските метрополи
Страста да ги истражи границите на екстремната болка, човечкото тело, страста да ја претвори болката во уметност, се некои од образложенијата на Високиот институт за уметност (ИСА) од Хавана и на кубанските медиуми за почесниот докторат што и' го додели овој институт на познатата уметница Марина Абрамовиќ, која учествува на единаесеттото биенале во Хавана, во рамките на „ЦИФО, сеопфатен поглед“.
Марина Абрамовиќ веќе е добитник на многу награди, беше наградена и на Венециското биенале, во Њујорк и во други културни центри, а тоа дополнително ја прави една од најпоз��атите светски перформанс артисти на денешницата.
Таа е родена во Белград 1946 година во семејство на учесници во НОБ, внука на српскиот патријарх Варнава. Во 1970 година дипломирала на Уметничката академија во родниот град и речиси веднаш по дипломирањето сликарството го заменува со екстремна перформанс уметност која веднаш го свртува вниманието на светската уметничка сцена. Постдипломските студии ги завршува во Загреб, а одредено време предава на Академијата за ликовни уметности во Нови Сад.
Нејзините перформанси и инсталации денес привлекуваат големо внимание насекаде низ музеите за современа уметност во светските метрополи. Марина Абрамовиќ живее и работи во Њујорк, беше актуелна минатиот месец и во Скопје кога на „Скопскиот филмски фестивал“ се прикажуваше и документарниот филм „Марина Абрамовиќ: уметникот е присутен“ кој беше награден од публиката. (Д.Л.) |