16.05.2012, 10:20 Музичкиот гениј Чили Гонзалес ќе работи на „Соба со пијано“
Музиката за играниот филм „Соба со пијано“ на режисерот Игор Иванов, кој ќе почне да се снима на 4 јуни, ќе ја потпише светскиот пијанист, композитор, вокалист и продуцент, Чили Гонзалес
Чили Гонзалес е ретка појава на музичката сцена. Уште како дете (роден е во Канада во 1972 година) бил сметан за музички вундеркинд. Завршил класично музичко образование, а кариерата ја започнал како композитор и џез виртуоз. Како лидер на алтернативниот рок-бенд Son, потпишал договор со музичката куќа Warner Music Canada. Подоцна се сели во Европа, во Берлин, каде што почнува да станува препознатлив по својата еклектична и експериментална музика. Низ годините си игра со стиловите, за во 2004 година да го издаде својот најпродаван албум „Соло пијано“. Албумот е целосно инструментален и по него тој често е споредуван со Ерик Сати.
Гонзалес има соработувано со повеќе музичари, меѓу кои се: Chris Beck, Jane Birkin, Leslie Feist, Peaches, Mocky, Jamie Lidell, Buck 65, Drake, а како член на бенд и како соло изведувач работел со музичките куќи: Mercury Records, Kitty-Yo, Arts и Crafts, Gentle Threat, No Format. Зад себе има десет албуми, а во март оваа година издаде ДВД под наслов: The Unspeakable Chilly Gonzales Live with Orchestra.
Овој единствен и ексцентричен музичар на 18 мај 2009 година во Cine 13 Theatre во Париз, свирејќи без прекин цели 27 часа, 3 минути и 44 секунди, го собори тогашниот рекорд во најдолг перформанс на соло-пијанист. Инаку, Гонзалес редовно одржува концерти во целосно распродадени сали низ светските метрополи, а неговата кариера ја следи светската музичка критика. (С.У.)
|