17.05.2012, 11:40 Оклахома со пресврт до втора победа над лејкерси
Тандерси славеа со 77:75 и поведоа со 2:0 во западната полуфинална серија против тимот од Лос Анџелес
Кошаркарите на Оклахома поведоа со 2:0 во западната полуфинална серија во НБА плеј-офот против Лос Анџелес. Тандерси го добија и вториот меч, овојпат со 77:75, во кој пресудна беше нивната низа од 9:0 во последните две минути. Централна фигура во тие моменти беше сензационалниот Кевин Дурант.
"Со овие играчи сум четири години. Тие едноставно не знаат да запрат. Кога губевме со седум разлика можеа да наведнат глави и тогаш ќе загубевме со 12 поена. Но, таа жилавост е клучна кај моите кошаркари, таа цврстина во одбраната. Тоа е нашата игра, тоа сме ние", го фалеше Скот Брукс, тренер на Оклахома, своите играчи.
Тројките сега беа еден од проблемите за "езерџиите". Погодија само две од 15 обиди и забележаа 38,5 отсто прецизност на ударите од игра. Брајант и Бинам беа први стрелци во гостинскиот состав. Постигнаа по 20 коша, Пау Гасол додаде 14, а основната причина за слабата партија на екипата на Лос Анџелес Лејкерс беше во катастрофалната вечер на нејзините разигрувачи Сешнс и Блејк. Обајцата уфрлија само седум поени и не остварија ниту една асистенција. Лидер во тимот на Оклахома беше Дурант со 22 поена, седум скока и пет додавања, Веструк реализира 15 коша, забележителна улога во одбраната имаше Ибака кој подели седум "банани".
Екипата на Бостон поведе со 2:1 во дуелите со Филаделфија во полуфиналната серија на истокот. По поразот во вториот меч конците во свои раце ги презеде триото Рондо - Пирс - Гарнет за конечен триумф со 107:91."Седумдесетишестките" ја кренаа на нозе домашната публика со водството од 33:28 во првата четвртина, но "келтите" на крилјата на Гарнет и со цврста дефанзивна игра во вториот и третиот период ги задржаа домашните на 33 поени. Центарот на Бостон финишира со дабл-дабл ефект (27 коша, 13 скока, 4 додавања), Пирс уфрли 24 поени, Рондо 23.
Резултати: Оклахома - Лос Анџелес Лејкерс 77:75 (Оклахома води со 2:0 во полуфиналето на Западот); Филаделфија - Бостон 91:107 (Бостон води со 2:1 во полуфиналето на Истокот).
|