18.05.2012, 15:04 Ван Баален: За нас спор за името не постои
Холандскиот европарламентарец либерал побара Македонија да остане конструктивна бидејќи така ќе победи
Европратеникот и претседател на Либералната интернационала Јоханес Ван Баален порача денеска од Скопје дека за либералите во ЕП спор за името на Македонија не постои и дека тие ја викаат и ќе ја викаат Македонија со уставното име.
„На меѓународната заедница не и треба дополнителен аргумент. Ние сме убедени во позицијата на Република Македонија и нам не ни треба ново име за државата. Останете конструктивни во НАТО и во ЕУ како што бевте и досега“, порача тој на прес-конференцијата со шефот на македонската дипломатија Никола Попоски. Според него, постои едноставно правило во меѓународните односи, а тоа е „ако не си дел од решението, тогаш си дел од проблемот“.
„Земја во ЕУ која постојано вели не, која и да е, станува дел од проблемот. Вашата земја пак е многу отворена, секогаш сте подготвени за разговори, така да не мора да не убедувате. Ние сме убедени дека вашиот став е оној вистинскиот“, рече Ван Баален. Тој е оптимист дека Грција по следните избори ќе заземе поконструктивна позиција и очекува засилен притисок врз неа поскоро да се реши спорот за името, кој трае предолго.
„Убеден сум дека сите земји членки на НАТО и ЕУ, гледајќи ја конструктивната позиција на Македонија, ќе извршат многу силен притисок врз Грција да ја прифати Македонија како Македонија. Свесен сум дека ова трае премногу долго и ја разбирам фрустрацијата од ваша страна. Да се случуваше со мојата земја ќе бев навистина лут. Останете конструктивни какви што бевте во минатото, останете конструктивни во НАТО мировните мисии какви што бевте, во соработката со ЕУ какви што бевте досега и ќе победите“, дециден е Баален.
Министерот Попски, пак, членството во НАТО го оцени како заслужено и правно издржано.Тој повтори дека не ни треба самит за да се донесе одлука.Потоа, иако не ја именуваше, тој ја повика Грција да „направи поместување кон разумот“ и да се откаже од рефлексното блокирање на Македонија и барањето на алиби за тоа. Свесни сме за сериозноста на ситуацијата со која се соочува нашиот јужен сосед, но сосема е неоправдано да бара причини во неа за продолжено, неоправдано и нелегално блокирање на Македонија во Алијансата, порача Попоски.
Во однос на тоа каква ќе биде формулација во заклучокот, очекува поздравување на нашето учество во мисиите, но додаде дека мора да очекуваме и придонес од страна на НАТО за да се избегнат ваков тип нелегални, неоправдани и нелогични блокади. „ Не сметам дека Чикаго е определена одредница во тој правец, туку е самит во кој Македонија ќе ја потврди својата конструктивна улога во рамки на НАТО“, изјави Попоски.
За тоа кој е планот по Чикаго и дали се размислува за повлекување на војниците од Авганистан, тој е дециден дека Македонија е сериозна земја која ги исполнува преземените обврски.
|