18.05.2012, 14:40 Издишаа протестите за „Монструм“
Скопјани конечно имаа релаксиран петок. Изостанаа протестите по акцијата „Монструм“, што изминатите две недели го парализираа градот пред почетокот на викендот. Полицијата и денеска ги имаше заземени своите позиции, за што причина плус беше средношколскиот „Квадрил“, но верниците по пладневната молитва во џамијата „Јаја паша“, се разотидоа дома. Тезгите на Битпазар беа полни, а граѓаните опуштени. Ја немаше напнатоста што виси во воздух на секој протест, кој традиционално завршува со инциденти и ја зголемува меѓуетничката нетрпеливост.
На „Фејсбук“, каде традиционално се организираа протестите, овојпат немаше најави за собири, но, се шпекулираше дека повторно ќе има демонстрирање незадоволство, иако во помал обем во споредба со минатите петоци. Сепак, граѓаните денеска покажаа зрелост, па Скопје мирно се подготвуваше за викенд. (Г.А.)
|