18.05.2012, 12:46 „Фејсбук“ денеска излегува на берза
„Фејсбук“ денеска излегува на берзата Насдак со над 421 милиони акции по цена од најмногу 38 долари, со што нејзината максимална вредност достигнува 104 милијарди долари.
Тоа е најголемо излегување на берзата меѓу Интернет компаниите, објавено е денеска во „он лајн“ изданието „Ехо“.
Осум години по лансирањето во студентската соба на Харвард, гигантот се подготвува да реализира второ по големина влегување на берзата во американската историја, зад „Виза“, но пред „Џенерал моторс“, според класификацијата која ја состави „Ренесанс капитал“.
Аналитичарите предвидуваат дека „Фејсбук“ од продажба на акциите ќе заработи 16 милијарди долари, што би било едно од најголемите дебија на берзата во американската финансиска историја.
|