17.05.2012, 15:12 Затворени две агенции за обезбедување
Полицијата затвори две агенции за обезбедување и им ги одзеде дозволите за работа. Станува збор за друштвата за трговија, производство, услуги „Титан груп“ од Штип и „Шок секјурити“ од Виница.
Според МВР, штипската фирма не ги исполнувала условите за вршење на работата, односно се применувале методи и средства кои се забранети со закон. Тие немале 10 лица со лиценца за вршење обезбедување лица и имот, а за време на вршењето на работните задачи носеле легитимации.
Агенцијата „Титан груп“ на пошироката домашна јавност и' стана позната по полициската акција наречена „Детонатор“. Некои од сега осомничените во овој случај, иако невработени, во име на Агенцијата нуделе обезбедување на сопственици на објекти. И за агенцијата „Шок секјурити“ полицијата е на мислење дека не ги исполнува условите за вршење работа од областа на обезбедување, односно дека наместо најмалку 10, имало само петмина вработени со лиценца. (Љ.С.)
|