18.05.2012, 13:41 Првенец во кариерата на Данецот Бак
Данскиот велосипедист стигна до најголемиот триумф во кариерата откако помина прв низ целта во 12. етапа на Џиро ди Италија, долга 155 километри
Данецот Ларс Итинг Бак стигна до најголемиот триумф во кариерата откако помина прв низ целта во 12. етапа на Џиро ди Италија, долга 155 километри, а се возеше од Серавеца до Сестри Леванте. Бак (32) трката ја заврши со 11 секунди предност пред Французинот Санди Касар и Андреј Амадор од Костарика.
По првите 40 километри брзо возење по рамен предел по должина на источниот брег на северна Италија, група од деветмина велосипедисти се издвои во планините. Во последните три четвртини од трката најдобро се покажа Михаел Голас. Полјакот успеа прв да помине три од вкупно четирите планински врвови, со што обезбеди доволно поени за да го преземе синиот дрес од победникот на шестата етапа Мигел Рубијано.
Шпанецот Хоаким Родригез ја зачува розовата маичка со предност од 17 секунди во однос на Рајдер Хесједал од Канада, а трет во генералниот пласман е Касар со заостанување од 26 секунди зад лидерот.
|