16.05.2012, 15:46 Челзи тренира пенали
Роберто Ди Матео се обидува да извади максимум од десеткуваниот состав за финалето во Лигата на шампионите в сабота
Се ситнат деновите за кроење стратегија за финалето во фудбалската Лига на шампионите меѓу Челзи и Баерн Минхен. Роберто Ди Матео и Јуп Хејнкес веќе ги имаат в глава и составите, и формациите, и слабостите и предностите за саботниот меч за пехарот. Сепак, се може да отиде во заборав ако дојде ситуација пеналите да го крунисаат шампионот. Италијанскиот стратег на Челзи призна дека неговите фудбалери тренирале удари од 11 метри.
„Вежбавме пенали, но тоа не е ни приближно исто како кога ќе се најдете во таква ситуација пред полн стадион, и тоа во финале“, изјави Ди Матео, кој е свесен дека ако дојде до пенали, Баерн има силно оружје во Мануел Нојер.
„Тој е човек со исклучителни голмански способности. Тоа го потврди на Сантијаго Бернабеу кога одбрани два пенала“, повика на внимателност Италијанецот.
Менаџерот на Челзи има главоболки поради суспензиите на Тери, Ивановиќ, Рамиреш и Меирелеш и веќе ја бара најдобрата алтернатива за секој од нив.
„Ќе решава подолгата клупа. Јас морам да пуштам во игра фудбалери кои обично се резерви. Веќе правев некои комбинации на тренинзите. Ќе видиме што ќе излезе на крајот“, размислува Ди Матео.
Сепак, најновата вест од лекарскиот тим на лондончани го охрабри предводникот на Челзи. Давид Луиз и Гери Кејхил се закрепнати и ќе бидат подготвени да застанат во одбраната. Поради повреда на бутниот мускул, Луиз нема одиграно натпревар од 15 април, додека Кејхил паузира пет натпревари поради истиот проблем. Единствениот преостанат прашалник за Ди Матео е дали Флоран Малуда ќе биде подготвен за саботната вечер, бидејќи не го доигра мечот со Блекбурн, последен од сезоната во Премиер-лигата.
Не е се розово ниту во спротивниот табор. Јуп Хејнкес, дефинитивно, нема да смета на Густаво, Батштубер и Алаба за финалето. Последниот натпревар од ЛШ оваа сезона се игра в сабота во 20,45 часот на „Алијанц арена“ во Минхен. (В.А.)
|