17.05.2012, 15:18 Ливерпул го отпушти Кени Далглиш
Шкотскиот менаџер на „црвените“ доби отказ откако ја заврши премиерлигашката сезона на осмата позиција
Заврши љубовта меѓу Ливерпул и Кени Далглиш. Шкотскиот менаџер, кој дојде на клупата на „Енфилд роуд“ во јануари 2011 година, имаше очајни резултати, со исклучок на освојувањето на Карлинг-купот. Сето тоа беше премалку за американските сопственици да ја одржат довербата во него. На средбата во Бостон, Џон Хенри и Том Вернер не ги прифатиле објаснувањата на Далглиш дека тимот имал лоша среќа во клучни моменти од натпреварите и порачале дека засилувањата од 110 милиони евра требало да донесат поголем резултат од осмото место. Секако, официјалното соопштение на клубот е многу поформално.
„По внимателна и детална анализа на сезоната клубот донесе одлука дека промената е логична. Одлуката не беше донесена лесно. Потрагата по нов менаџер ќе почне веднаш“, стои на интернет-страницата на Ливерпул.
„Разочаран сум со резултатите во лигата, но пехарот во Карлинг-купот не би го менувал за ништо бидејќи знам колку им значи на навивачите. Ми беше чест и привилегија што добив шанса да се вратам во Ливерпул како менаџер“, се прости Далглиш.
А, медиумите во Англија уште пред да се официјализира раскинот меѓу сопствениците и менаџерот излегоа со листа кандидати за „црвената клупа“. Интересно, на неа се наоѓа и поранешниот предводник на тимот, Рафаел Бенитез, кој со Ливерпул ја освои Лигата на шампиони во 2005 година. Списокот, натаму, продолжува со Фабио Капело, Луј ван Гал, менаџерот на Виган, Роберто Мартинез, стратегот на Норич, Пол Ламперт, како и предводникот на Свонси, Брендан Роџерс. Сепак, неофицијално, најголема желба на американските сопственици бил двојниот првак на Германија со Борусија Дортмунд, Јирген Клоп. Кој и да го наследи Далглиш ќе мора да се крене на нивото на вложувањата во клубот. Далглиш го наследи Рој Хоџсон пред 14 месеци со надеж дека ќе го повтори успехот од крајот на 80-тите кога освои три титули како менаџер на „црвените“.
|