17.05.2012, 16:57 Протестите за „Монструм“ во илегала
Иако најави за протести нема ниту на „Фејсбук“, полицијата е на готовс и следи што се случува
Горан Адамовски
Редовните петочни протести по апсењата во акцијата „Монструм“, денеска ќе ги нема, барем ако им се верува на социјалните мрежи. За разлика од изминатите две недели, овојпат изостанаа најавите за организирано изразување револт од полициските изјави за радикален исламизам во земјава, но, сепак, постојат гласишта дека протест ќе има, иако не со толкав број луѓе како минатиот пат. Во полицијата, пак, се на готовс, следат што се случува и подготвени се да ја држат ситуацијата под контрола.
Интернет-страниците, на кои отворено се бараше излезност на протестите во градовите низ земјава каде што постои поголемо албанско малцинство, веќе се избришани. Нема никакви најави ниту по медиумите.
„Никој ништо не зборува, ама минатиот пат се договоривме дека продолжуваме секој петок“, велат неколку момчиња од Бит-пазар.
Протестите, на кои вообичаено се случуваат инциденти, немаат поддршка од водечките албански партии. Од Европската комисија, пак, сметаат дека организираните собирања на граѓаните се во ред, но протестите мора да бидат мирни, притоа да се остават државните институции да го расчистат случајот. Според непотврдени информации, протести ќе има и денеска, но не со голема масовност особено откако „контрапротестот“ против исламскиот радикализам извлече на улица само стотина лица.
Протестите досега не беа најавувани во полицијата, која преку свои извори секогаш се информираше за нив и добро се организираше. Така е и сега.
„Најави за протести нема. Сепак, следиме што се случува и преземаме соодветни активности“, велат од МВР. Минатиот петок беа каменувани зградите на Владата и на Општина Чаир, а беа нападнати полицајци и новинарски екипи. За инцидентот на минатонеделниот протест кривично ќе одговараат петнаесетмина. |