16.05.2012, 17:15 Ќе летаме директно до Бенелукс и Скандинавија
Авиокомпании кои ќе понудат шест нови дестинации од „Александар Велики“ ќе добијат државни субвенции
Сања Наумовска
Авиокомпании кои ќе понудат шест нови дестинации од аеродромот „Александар Велики“ во Скопје до градови во централна Европа, Апенинскиот и Пиринејскиот Полуостров, Бенелукс и Скандинавија ќе добијат државни субвенции во следните три години. Владата вчера отвори јавен повик со кој бара авиокомпании кои до крајот на годинава ќе воспостават база на најмалку еден воздухоплов на „Александар Велики“, а до крајот на октомври ќе почнат да летаат до нови шест дестинации.
Премиерот Никола Груевски минатата недела најави дека со јавен повик ќе се бара нискобуџетна компанија, која на македонските патници ќе им понуди директни летови до поголем број европски градови по поволни цени. Тој посочи дека со овој потег ќе се привлечат и поголем број странски туристи во нашата земја, бидејќи македонскиот пазар е релативно мал.
„Воведувањето нови линии е важно за развој на туризмот и за поддршка на бизнисот, но и за сите граѓани кои ќе имаат потреба да отпатуваат во странство, а сега се принудени да менуваат повеќе авиони, што ја зголемува цената на патувањето“, рече неодамна премиерот Груевски.
Македонските граѓани, според условите во јавниот повик, ќе имаат можност, до градовите до каде што ќе се воведат новите авиолинии, да патуваат најмалку двапати неделно во текот на целата година. Тоа се градови до кои во последните две години немало авиоврски преку нашите аеродроми.
Компанијата која ќе ги исполни бараните услови ќе добива државна финансиска поддршка во следните три години во висина од 40.000 евра за секоја од шесте нови дестинации кои ќе ги одбере. Покрај субвенциите, за секоја дополнителна дестинација до која ќе се воведе редовна авиолинија, авиокомпанијата ќе добие и еднократна сума од 30.000 евра.
Владата ќе субвенционира и за секој заминат патник од нашите аеродроми, и тоа по 9 евра за патник во првата година, по 8 евра во втората и по 7 евра во третата година. Според условите во тендерот, авиокомпанијата треба да превезе најмалку 120.000 патници годишно во првата година, 135.000 патници во втората и 150.000 патници во третата година од субвенционирањето.
Субвенциите ќе ги добие авиокомпанија која има превезено најмалку 10 милиони патници во 2011 година и има направено профит од најмалку 25 милиони евра, велат условите во јавниот повик. Кои компании се заинтересирани да влезат во игра за државните субвенции ќе се знае во почетокот на идниот месец, а компанијата што ќе биде избрана ќе се знае летово.
|