17.05.2012, 16:21 Софија не оди кај Елизабета
Шпанската кралица не доаѓа во Лондон во знак на протест за Гибралтар
Лондон - Шпанската кралица Софија, сопруга на кралот Хуан Карлос, ја откажа предвидената посета на Велика Британија во знак на протест поради британско-шпанските несогласувања околу Гибралтар. Кралицата Софија требаше да присуствува на денешниот ручек во замокот во Виндзор, организиран по повод дијамантскиот јубилеј на британската кралица Елизабета Втора и одбележувањето на 60-годишнината откако таа е на престолот.
Шпанската влада е незадоволна што синот на кралицата Елизабета, принцот Едвард и неговата сопруга, следниот месец службено ќе престојуваат во Гибралтар, во рамките на одбележувањето на дијамантскиот јубилеј. Претставник на владата во Мадрид изјави дека „во вакви услови, посетата на кралицата Софија на славењето во Лондон е крајно несоодветно“.
Присуството на свечениот ручек во Виндзор претходно го откажа и кралот Хуан Карлос од здравствени причини. Тој закрепнува од хируршката интервенција по повредата што ја има здобиено во Боцвана за време на ловот на слонови.
Во 1981 кралската шпанска кралска двојка одби да учествува на свадбената церемонија на принцот Чарлс и Дијана кои претходно најавија дека како за време на медениот месец планирале да го посетат Гибралтар.
Велика Британија и Шпанија се долго време во спор околу Гибралтар. Шпанците тврдат дека тоа е нивна територија, но Велика Британија се повикува на меѓународниот договор од Утрехт, според кој Гибралтар веќе 300 години е британски имот.
Шпанската кралица Софија (73) е поранешна грчка принцеза и сестра на последниот грчки крал Константин, кој сега постојано живее во Лондон, одржувајќи мошне блиски односи со британското кралско семејство. Британскиот Форин Офис синоќа одби да го коментира откажувањето на посетата на шпанската кралица, објаснувајќи дека стануваше збор за приватна посета. |