17.05.2012, 16:54 Филмскиот фестивал во Кан почна со комедија и хаос
Комедијата доминираше на отворањето, во конкуренција на детската фантазија на Вес Андерсон „Мунрајс кингдом“ и анархичното алтер-его на Саша Барон, генерал Аладин, за вниманието на светските медиуми
Отсуството на жени-режисери од 22-члената конкуренција во Кан годинава е „голема штета“, но тоа е одраз на глобален проблем, а не на сексизам, специфичен за најголемиот филмски фестивал во светот, изјави Адреа Арнолд, член на жирито на Фестивалот.
Комедијата доминираше на отворањето на Филмскиот фестивал во Кан, во конкуренција на детската фантазија на Вес Андерсон „Мунрајс кингдом“ и анархичното алтер-его на Саша Барон, генерал Аладин, за вниманието на светските медиуми.
Илјадници новинари и филмски работници се собраа во гламурозното одморалиште на Ривиерата за 12 возбудливи денови на екранизација, црвен тепих, забави и склучување зделки, а првиот ден е карактеристичен по совпаѓањата на агендата.
Филмот на Андерсон, во кој настапуваат Брус Вилис и Бил Мареј, е филмот со кој официјално се отвори фестивалот за главната конкуренција, со впечатливо екранизација за печатот, брифинзи за новинарите, интервјуа и гала-премиера на црвениот тепих. Недалеку, по должината на познатата Кроазета, наредена со палми, Барон Коен, исто така, се наметна со сопствена конференција за печатот во луксузниот хотел „Карлтон“ за промоција на неговиот најнов филм „Диктаторот“.
Судејќи според неговата необична смисла за хумор и поглед за театралното, британскиот комичар привлече голем дел од вниманието бидејќи го присвојува ликот на Аладин, суров диктатор од северна Африка, делумно инспириран од бунтовите на Арапската пролет.
Кан, како најголем и најгламурозен филмски фестивал во светот, е идеална платформа за филмот и неговите ликови. Минатата година, таму беше премиерно прикажан тивкиот хит „Уметникот“, кој ги собра „Оскарите“.
Во главната конкуренција од 22 филма, адаптацијата на романот „На патот“ на Џек Керуак од бразилскиот режисер Волтер Салс предизвика многу жагор, не само поради тоа што главната улога ја има актерката од „Твајлајт“, Кристен Стјуарт.
Меѓу жешките теми на големиот екран се арапските бунтови, а во конкуренција се „По битката“ на египетскиот режисер Јусри Насрала, и стапиците од културата на познатите личности во „Антивирал“, деби-филмот на синот на Кроненберг, Брендон. |