18.05.2012, 16:58 Скопјанка убиена во својот стан во Автокоманда
Фана Димитријоска (61) живеела сама, била усмртена со два убодa во градите
Горан Адамовски
Со два убода од остар предмет во градите, 61-годишна скопјанка е пронајдена мртва во нејзиниот стан во населбата Автокоманда. Од домот на Фана Димитријоска, која живеела сама, се ширела неподнослива миризба, па соседите побарале полицијата да види што се случува. Не е познато кој и зошто ја убил жената, која имала сериозни здравствени проблеми и која едвај сврзувала крај со крај. Истрагата е во тек.
Како што соопшти полицијата, вчера кај нив било пријавено дека во стан на приземниот кат од зградата број 2 на улицата „Габреш“ се шири реа. Вратата од станот била затворена, па полицајците, како што налагаат прописите, ги повикале блиските на Димитријоска да бидат тука кога ќе се отвори вратата. Жената лежела мртва. Најпрво не беа познати причините за смртта на Димитријоска, но обдукцијата покажа дека станува збор за убиство.
„Кој би можел да ја убие?“, се прашуваа соседите. Тие раскажуваат дека Димитријоска живеела сама, оти ќерката била со своето семејство. Веќе неколку дена не ја виделе ни чуле жената, која често знаела да подвикне. Миризбата станала неподнослива. Се посомневале дека нешто се случува, па се јавиле во полиција.
„Кога отворија полицајците, ја видовме Фана, лежеше со стомакот на подот. Беше облеана со крв, ама не помисливме дека е убиство“, велат станарите на двокатната зграда.
Тие не знаат кога се случил крвавиот инцидент. Се чудат кој би можел да ја убие жената, која живеела од социјална помош, а соседите често и' помагале колку што можат. Одговор бара и полицијата. |