17.05.2012, 12:37 Шпиунирале во џамии маскирани со бурки
Гетеборг- Во популарната емисија за истражувачко новинарство на Шведската телевизија, „Задача истражување“, две жени облечени во бурки и опремени со скриени камери и микрофони, посетија десетина најголеми џамии во Шведска со цел да побараат совет околу физичкото малтретирање во бракот, полигамијата и изнудувањето секс без согласност на сопругата.
Една од споменатите жени, која се преправаше дека била физички малтретирана сопруга, во шест џамии доби совет од страна на имамите никако да не го пријавува случајот во полиција.
Повеќемина министри во шведската Влада реагираа остро во однос на советите што жените ги добиваат во џамиите во земјата.
„Тоа е неприфатливо. Нерамноправноста и насилството во бракот е сосема неприфатливо“, рече министерот за интеграции Ерик Уленхаг.
Џамиите, во кои жените пред скриена камера беа советувани на споменатиот начин, ризкуваат да останат без државни дотации.
„За добивање државни дотации предуслов е почит кон елементарните вредности во општетството“, потенцира Макс Стокман од шведскиот Совет за државна поддршка на конфесионални заедници.
Претседателот на Исламскиот сојуз во Шведска Омар Мустафа вчера во интервју за Шведската телевизија тврдеше дека проблемот е во „приучените“ имами, кои немаат доволно знаења во областа на исламската теологија и во однос на начинот на кој функционира шведското општетсво.
|