18.05.2012, 14:08 Владо Јовановски и Наташа Петровиќ во „Соба со пијано“
Новиот филм на Игор Иванов ќе има интернационална актерска екипа
Во филмот „Соба со пијано“ на Игор Иванов ќе играат: Владо Јовановски, Наташа Петровиќ, Фирдаус Неби, Игор Стојчевски, Васил Зафирчев, Симона Спировска и Дениз Абдула. Како што известува продуцентот на филмот „Скопје филм студио“, ова е македонскиот дел од екипата, во која ќе бидат вклучени и странски актери.
Имено, според објаснувањето на продуцентот, самото сценарио за „Соба со пијано“ налага интернационален каст, па голем дел од улогите ќе им бидат доделени на актери од други земји. „’Соба со пијано‘ е филмско сценарио со крајно нетипична наративна структура, каде што изразен акцент добива драматуршкиот аспект“, се вели во дописот, објаснувајќи дека целта е да се воспостави одредена идентификација со состојбата во која некој од ликовите го заробил сопствениот живот, а која бара вонредна актерска игра.
Кастинг сесиите за овој нов македонски филм се одвивале во текот на минатиот месец со актери од нашата земја и од странство, а деновиве е дефиниран македонскиот каст. Останува во следниве неколку дена да се дознаат и членовите на интернационалниот каст.
„Соба со пијано“ ќе се снима во Скопје, а музиката во овој филм ќе ја потпише големиот светски пијанист Чили Гонзалес. (С.У.)
|