14.05.2012, 12:08 Ирена Којкова Пејович на три групни изложби во САД
На 12 мај се отвори групната изложба „Ритам и движење“ во галеријата Лана Санторели во Хобокен, Њу Џерси
Графичарката Ирена Којкова Пејович од Гевгелија овој месец ќе учествува на три групни изложби во САД. На 12 мај се отвори групната изложба „Ритам и движење“ во галеријата Лана Санторели во Хобокен, Њу Џерси, каде Којкова Пејович се претстави со четири графики, две од циклусот „Во Стапица“, една графика од циклусот „Будење“ и една соларна акватинта од најновата серија на графики „Коре“. Изложбата ке биде отворена до 24 јуни.
- Имам три проекти на кои работев годинава и се надевам дека ќе излезе шанса да ги изложам на уште една самостојна изложба. Ова лето планирам да работам во Студиото за графика во Лондон, се вели во писмената изјава на Којкова Пејович.
Следна изложба во мај е „Mad Hot Young“, организирана од Графичкиот центар на Њу Џерси. Изложбата ќе се отвори на 18 мај и ќе се трае до 24 мај. Следна е годишната изложба на Box Heart Gallery, во Питсбург, САД, што ќе се отвори на 28 мај.
Ирена Којкова Пејович е родена во Гевгелија, во 1981 година. Завршила на отсекот применета графика во Средното училиште за применета уметност „Лазар Личеноски“ во Скопје. Своето образование Којкова Пејович го продолжила во САД на Државниот универзитет во Њу Џерси, каде дипломирала графика во 2003 година. Во моментов живее и работи во Њу Џерси. Член е на Центарот за графика од Њу Џерси и Lower East Side Print Shop, графичкиот центар во Њујорк.
|