13.05.2012, 16:18 „Хенри Шести“ во „Глоуб“ поздравен со овации
„Актерите се првокласни, режијата е првокласна. Имаме полн театарски погодок“, изјави Горан Стефановски
Секој актер сака да биде на сцената Хамлет, Јулија, Отело или друг лик од драмите на Шекспир, а малкумина од нив имаат единствена можност да настапат во неговиот театар, каде што светскиот драматург ги поставувал и ги гледал своите дела.
Во обновениот „Глоуб“, но со автентичен лик и конструкција како оригиналниот театар од 16/17 век, синоќа настапија актерите од Народниот театар од Битола, под отворено небо и пред публика седната на дрвени клупи. Во два часа и 20 минути тие го раскажаа на македонски јазик третиот дел од историската драма „Хенри Шести“, за Граѓанската или Војната на розите в�� средновековна Англија и за борбите за превласт меѓу династиите Ланкастар и Јорк.
Петар Горко ја оживеа насловната улога на добриот и нерешителен крал-верник, кому му пресудува подмолниот мечтател за круната Ричард. Него мајсторски го одигра Мартин Мирчевски, покрај одличниот настап на Огнен Дранговски (Едвард), Соња Михајлова (во машкиот лик Ворик), Габриела Петрушевска (кралицата Маргарета), Борис Чоревски (војводата од Јорк), Иван Јерчиќ, Петар Спировски, Николче Пројчевски, Васко Мавровски, Валентина Грамосли, Филип Мирчевски, Кристина Христова-Николова.
Ова дело, кое досега не е изведено во Лондон дури ни на англиски јазик, за овој повод доби превод на македонски од проф. Драги Михајловски. Сценографијата ја изработи Валентин Светозарев, кореографијата Рисима Рисимкин, костимографијата Благој Мицевски, а музиката изведена во живо - Миодраг Нечак (со изворните „Зајди, зајди“; „Море сокол пие„; „Јано, мори“...)
„Вистински вљубеник сум во Шекспир, а ова е нова, дополнителна страница во 68-годишнината на Битолскиот театар во градењето квалитетна уметност со која ја презентираме и нашата држава и култура. Искрено, имав трема, зашто овде застанале најголемите светски актери и мои идоли од детството до денес. Пресреќен сум“, изјави актерот Петар Горко.
Драматургот Горан Стефановски, кој беше меѓу присутните во „Глоуб“, изјави дека актерите од Битолскиот театар имаат „суверена претстава со сјајни театарски артикулации“.
„Актерите се првокласни, режијата е првокласна. Едноставноста со која е совладан просторот е крајно возбудлива. Имаме полн театарски погодок. Исклучителен поен, како во смисла на нашето културно претставување, така и во смисла на културно-политичкиот ефект. Појавата на македонскиот јазик, крајно суверено, во светската мапа на јазици, е нешто кое веќе не е спорно. Ми се чини дека е крајно време да престанеме да зборуваме за македонското прашање или за македонскиот прашалник и да почнеме да зборуваме за македонскиот извичник. Затоа што овој настап е висок извичник, културен и секаков. Возбуден сум што сме тука и се надевам дека нашата публика наскоро ќе може да ја види претставата во Битола или на ’Охридско лето‘“, рече Стефановски.
Според режисерот Џон Блондел, чудна алхемија било да се направи комбинација со актерите од Битола поради културната разлика, бариерата на јазикот и историјата на народот.
„Но, тие бариери ни беа поттик и инспирација за експлозија на сцената. Задоволен сум како изгледа претставата во овој простор и како таа се одвива, зашто тоа беше мојата цел, да ја изиграме во овој простор и со овие актери кои се неисцрпен извор на искуство и емоции“, изјави Блондел.
Тој во Санта Барбара, Калифорнија, организира фестивал за Шекспир со својата театарска компанија „Лит мун“, која постои 20 години. Со неа сакал да го донесе „Хенри Шести“ во „Глоуб“, но условот бил да се учествува на фестивалот на јазик кој не е англиски. Блондел решил да биде режисер на претстава на македонски изведена од Битолскиот театар, со кој соработувал пред три години за претставата „Американска мелодија“.
Уметничкиот директор и костимограф Благој Мицевски рече дека им бил понуден текстот и потоа соработката се развила и со театрите од соседните земји (Србија и Албанија) и со режисерите на првиот и вториот дел од историската драма (Никита Миливоевиќ и Адонис Филипи).
„Балканската трилогија на ’Хенри Шести‘ се вклопи и една година бевме во договори за да дојдеме до овој момент кога се играат сите три дела во континуитет. Во Лондон се дојдени светски театарски трупи. Само седум од 37. што гостуваат се претстави кои биле готови претходно, другите се сите направени специјално за фестивалот. Тука се големи национални театарски куќи и ова е најголемиот настан на културата во светот годинава“, рече Мицевски.
Театрите кои учествуваат во оваа трилогија начелно се договорија да ја изведат во целина и таа да гостува во трите града: Белград, Тирана и Битола.
По синоќешната премиера во рамки на фестивалот „Светот за Глоуб“, третиот дел од „Хенри Шести“ вечер ќе има уште една изведба во „Глоуб“, на која ќе присуствува и министерката за култура, Елизабета Канческа-Милевска. (К.Р.) |