17.05.2012, 13:08 Канал 103 со концерт го прославува 21. роденден
На вечерашниот концерт на платото пред МКЦ ќе настапат Сашко Костов и групата „Вејтинг вејтс“, „ПМГ колектив“, „Его диско“ и „Генг Оф 10“
По повод 21 година од своето постоење, вечерва во 21 часот музичкото радио Канал 103 организира слободен концерт под отворено небо кој ќе се одржи на платото пред Младинскиот културен центар. На концертот ќе настапат Сашко Костов и групата „Вејтинг вејтс“, „ПМГ колектив“, „Его диско“ и „Генг Оф 10“.
Сашко Костов од неодамна ја дели сцената со својот бенд „Д вејтинг вејтс“, со кој концертно ќе го промовира неодамна објавениот албум насловен „Silent In The Crowd“. „ПМГ колектив“, пак, во оваа прилика ќе претстават и дел од новиот материјал кој треба да се најде на нивното петто албумско остварување. „Его диско“ е млад скопски алтернативен рок-бенд и нивниот деби-албум е во фаза на издавање, додека „Генг Оф 10“ е отворен концепт на музичка импровизација во кој учествуваат повеќе познати музичари од македонската сцена.
Денешниот слободен концерт ќе значи и промоција на новиот интернет-сајт на Канал 103, кој ќе претставува отворена платформа за промоција на современата македонска музичка и културна сцена.
|