13.05.2012, 17:09 Калиопи летна за Баку
„Во одлична форма сме и веруваме во добар пласман. Ќе дадеме се' од себе на 24 мај, на втората полуфинална вечер, сите Македонци да се чувствуваат гордо,“ изјави нашата претставничка
Македонската претставничка на изборот за Песна на Евровизија, Калиопи утринава замина за Баку, Азербејџан, каде што на 24 мај ќе не' претставува со песната „Црно и бело“.
„Ќе дадеме се' од себе на 24 мај, на втората полуфинална вечер, сите Македонци да се чувствуваат гордо. Верувам дека добрите музичари и убавата хармонична атмосфера, но и меѓусебна доверба што ја имаме едни кон други ќе бидат видливи на сцената“ изјави Калиопи, додавајќи дека се снимени неколку верзии на „Црно и бело“. „Во одлична форма сме и веруваме во добар пласман“, изјави нашата претставничка пред заминувањето во Баку.
Калиопи замина со благослов од поглаварот на МПЦ, г.г. Стефан, и амајлија со ликот на Мајка Тереза. Заедно со неа отпатува и петчлен придружен бенд, кој на сцената во импозантната арена во Баку „Кристал хол“ ќе се појави во креации на дизајнерката Розе Трајчевска. Калиопи, пак, се одлучи за елегантна црна креација на „Армани“. Првата проба за нашата претставничка е закажана за 15 мај. Новина е тоа што во песната го нема делот со пијано и нема некоја особена кореографија - Калиопи ќе биде пред бендот, а најголем акцент е ставен врз светлата, видеобимовите и максималното искористување на техничките можности со кои располага арената во Баку. |