13.05.2012, 16:21 Ноќ на легендите во Кинотека
Со наградата на Коста Крпач и 80-годишнината на Дарко Дамески се вративме во „златниот период“ на македонскиот филм
Сунчица Уневска
„Нема ништо поубаво во животот од чувството, кога човек во поодминати години доживува и осознава дека е оттргнат од заборав“, рече 85-годишниот Коста Крпач, кој за својата долгогодишна работа како филмски работник, филмски критичар и промотор на македонската кинематографија во светот, ја доби наградата на Кинотеката на Македонија „Златен објектив“.
„Со особено задоволство соработував со основоположниците на современиот македонски филм, самоуките филмски ентузијасти кои ја втемелија и развија филмската продукција во Македонија, внесувајќи во неа значајни творечки димензии“, з��оруваше Крпач со голема возбуда потсетувајќи се на т.н. „златни години“ во македонската филмска продукција.
Коста Крпач, кој бил вработен во „Вардар филм“, како одговорен за пропаганда и пласман на македонскиот филм имал можност да учествува на многубројните филмски фестивали низ светот и да биде сведок на тоа како нашите познати филмови таму биле примени или освојувале награди. Тој се присети на извонредниот успех на култниот филм „Црно семе“ од 1971 година, дебитантско остварување на режисерот Кирил Ценевски. „Беше вистинско задоволство и среќа кога на најголемиот филмски екран, на Меѓународниот филмски фестивал во Москва, се разлеа мелодичниот македонски говор, а на филмското платно се појавија Дарко Дамески, Ристо Шишков, Ацо Јовановски, проследени со громогласен аплауз“, раскажуваше Крпач. Тој додаде дека било многу убаво тогаш да се биде Македонец во Москва, кога нашиот филм по убавиот прием го добил и признанието „Жар птица“. А следната година „Црно семе“ беше и југословенски кандидат за „Оскар“.
Се осврна Коста Крпач, како што рече, на неколку најзначајни достигнувања во македонскиот филм, кои во него внесувале голема возбуда и гордост. „’Мис Стон‘ од 1958 на Жика Митровиќ беше мошне значаен историски спектакл, прв југословенски игран филм во колор и тотал-скоп техника. Ова филмско остварување во својот жанр претставуваше врвен дострел. Тоа беше и најгледаниот југословенски филм. А во 1961 година следеше своевидна пресвртница во македонскиот игран филм, каде што дотогаш како режисери се појавуваат автори од надвор. ’Мирно лето‘ на Димитрие Османли, современа филмска комедија и успешен старт на едне македонски филмски режисер“, зборуваше Крпач.
Подоцна се случува и целосен процут на авторскиот документарен филм и на анимираниот филм, а „Вардар филм“ прерасна во една од најзначајните производни филмски куќи во поранешна Југославија. Завршувајќи со „Дае“ на Столе Попов, кој доби номинација за „Оскар“ и со Фестивалот „Браќа Манаки“, кој од многу скромна манифестација, секогаш обременета со проблеми, прерасна во Интернационален фестивал, нешто што го исполнува со восхит.
Беше тоа ноќ посветена на уште една легенда, на еден од бардовите на македонското глумиште. Осумдесетгодишнината од раѓањето на Дарко Дамески (12 мај 1932), човекот кој оствари такви незаборавни улоги и кој остави силен печат во македонската кинематографија. За неговите улоги, но и за него како човек зборуваа познатиот новинар Слободан Петровиќ, како и негоивот колега, актерот Мето Јовановски.
„Бидејќи станува збор за еден од најмаркантните филмски актери со кои имав чест да се познавам и да соработувам, како потсетување би сакал да спомнам некои од неговите филмови, во кои тој го вгради целото свое битие. Меѓу нив, секако, се: ’Волча ноќ‘, ’Мис Стон‘, ’Солунските атентатори‘, ’Мирно лето‘, ’Денови на искушение‘, ’До победата и по неа‘, ’Македонска крвава свадба‘, ’Планината на гневот‘, ’Време без војна‘, ’Македонскиот дел од пеколот‘... Тие подвижни слики, кои со својата патина претставуваат достоен репрезент на нашето поблиско историско минато, како наш културен идентитет и дел од нашето културно национално благо“, зборуваше Јовановски.
Тој потсети на огромната бројка филмски проекти, како на филмското платно, така и на телевизијата, во која тогашните културни дејци имаа можност да го реализираат својот сон и да ја вградат својата креативност, станувајќи длабоко врежани во колективната свест и меморија на нашиот човек. „Годишнината на Дамески е прекрасен повод да се потсетиме на тие филмски творби, но и личности кои живееле и создавале во еден друг временски период, познат како ’златен период‘ на македонскиот филм. За Дамески и за неговата генерација, која остави трајни врености како патоказ и ориентир, има да се зборува многу, па сепак, мислам дека самите филмови зборуваат многу повеќе од било чие искажување“, додаде Јовановски. Кинотеката прикажа и циклус од пет долгометражни и два ккратки филма со Дамески, потсетувајќи на раскошноста на неговиот талент, но и на едно сосем друго време во нашата кинематографија, кое во себе на особен начин го носи македонскиот дух и култура за идните генерации. |