„Илинденски денови 2011“ - нов сјај на старите вредности
Мозаикот од носии, бои и мелоритми го претвори Широк сокак во една огромна сцена во која се испреплетија изведувачите и публиката на 41. „Илинденски денови“
Блаже Палчевски
Државниот фестивал на народни песни и игри „Илинденски денови“ - Битола, кој се одржа во својот традиционален термин од 29 јули до 1 август 2011 година во Битола, потврди дека не само што во изминатите 41 година не изгубил ништо од своите вредности, туку преку новите содржини, идеите, енергијата, како и заложбите на стручниот тим на Центарот за култура Битола, кој го реализира, покажа способност за надградување, менување и напредок.
Уште со првиот писок на зурлите, звуците на гајдите, првите чекори на игроорците, битолчани и многубројните гости од земјава, како и од дијаспората, ги наполнаа улиците и се движеа по патеките на надалеку познатото дефиле „Со песни и игри низ битолските улици“. Повеќе од 500 игроорци, инструменталисти, членови на дваесетте ансамбли, тргнаа од пет познати битолски маала, со чекор, игра и песна низ битолските сокаци за да се сретнат пред Саат-кулата и да ја оформат големата фестивалска река, која симболично предводена од комитите, придружувана од битолските пајтони, во кои седеа девојки облечени во староградски носии, го преплави познатиот Широк сокак. Мозаикот од носии, бои и мелоритми го претвори Широк сокак во една огромна сцена во која се испреплетија изведувачите и повеќеилјадната публика и дишеа во еден здив. Тоа чувство преовладуваше во текот на цел фестивал.
Двете вечери на традиционална музика и игра што се одвиваа на фестивалската сцена во ракометното игралиште донесоа уникатни и високовреднувани сценски презентации. Русалиските игри, обичаите „Јаренца пиленца“, „Ноќ спроти Ѓурѓовден“, „Седенка во мартинови ноќи“, „Прочка од кумановски крај“, „Ѓурѓовденскиот обичај“, „Каленчица“, „Детската игра Бишка“, „Попредулка“, „Зажневање“, „Овчеполската жетва“, пропратени со вокални и орски изведби, меѓу кои би ги издвоиле „Црвен фустан“, „Копачката“, „Зајчево“, „Пештрев“, како и многу други, претставуваа вистинска разгледница на богатото духовно културно наследство и го покажаа правецот во кој треба да се движи репертоарската политика на групите во Македонија.
Посебно освежување на програмата беше интерпретацијата на албански, турски, ромски и на влашки, фолклорни содржини што го потврди фестивалот како огледало на мултукултурата во Република Македонија. Особен впечаток оставија и презентациите на групата на нашите иселеници КУД „Бисер“ од Џелонг Австралија, Македонското културно друштво „Свети Кирил и Методиј“ од Крањ Словенија, како и групите од Врбовац Хрватска, Сандански Бугарија и Мелити од Грција.
Со особено чувство за спој помеѓу битолското архитектонско богатство и староградската традиција, организаторите ја лоцираа третата фестивалска вечер на плоштадот „Магнолија“, пред прекрасната битолска Магаза. Во тој амбиент, вечерта на староградска музика и игра доби посебна убавина. Деловите од староградската велешка, гевгелиска, светиниколска, прилепска, битолска и влашка традиција, прозвучија мошне природно, пријатно и на некој начин го прошетаа широкиот аудиториум низ некои минати времиња, преполни со спомени и носталгија.
Прекрасниот впечаток за овогодишното издание на „Илинденски денови“ го издигна на уште повисоко ниво Интернационалната вечер, која поради лошите временски услови, наместо во античкиот локалитет Хераклеја, се одржа во големата сала на Центарот за култура - Битола. Препознатливите мелоритмички карактеристики на романска фолклорна традиција интерпретирана од групата „Реситеана“ од Ресита, Романија, како и полските традиционални вредности презентирани од ансамблот „Врзосовиание“ од Посцесна, Полска, направија совршен вовед во прекрасната фолклорна вечер. На нивните настапи се надоврза и надгради колоритниот омаж, живоста и темпераментот на танчарите на Балет-фолклорико „Оризаба“ од Мексико и енергијата и виртуозноста на членовите на ансамблот „Хој тур“ од Чанкаја, Турција. Сето тоа предизвика воодушевување и кај присутните во преполната сала, која беше претесна да ги прими сите вљубеници во традицијата, и кај посетителите кои во огромен број ги следеа настапите на групите на огромен видеобим поставен пред Центарот за култура во Битола.
Секако, кулминација на вечерта претставуваше настапот на ансамблот за народни песни и игри на Македонија „Танец“ од Скопје, кој со целовечерен концерт во рамките на свеченото затворање на фестивалот, направи една совршена, рафинирана, ефективна и виртуозна фолклорна презентација, која ги покажа сите убавини на македонската ороводна, песнопојна и инструментална традиција. |