Апсурд: ем пензионери, ем здравствено неосигурани
Матичните лекари сметаат дека ФЗО намерно ги брише пензионерите за да им исплаќа помалку пари за капитација
Јасмина Јовановска
За Фондот за здравствено осигурување (ФЗО) има пензионерите кои не се здравствено осигурани. Ова го покажуваат листите на згрижени пациенти кај матичните лекари врз чија основа Фондот им исплаќа капитација, односно плата на овие здравствени работници. Иако со стекнување статус на пензионирано лице тоа автоматски има и здравствено осиг��рување, нејасно е како може во Фондот да се води дека го нема.
На ваквиот апсурд реагираат матичните лекари, кои сметаат дека намерно се бришат пензионерите, бидејќи на тој начин Фондот им исплаќа месечно и помалку пари за капитација. При ваквата евиденција како неосигурани лица, најдебелиот крај го извлекуават токму пензионерите што се малетерираат за да се пријават во Фондот доколку сакаат да се лекуваат на товар на државата.
„Како може пензионер кој е во пензија веќе 20 години одеднаш да има нулта осигурување“, прашува една докторка од Скопје, која не сака да го открие својот идентитет, за веднаш на себе да не привлече инспекции и контроли. „Ми дојде сопругата на еден таков носигуран пензионер за да му дадам упат за ортопедија. Им велам дека упатот нема да им важи, бидејќи во фондовската листа тоа лице се води како неосигурано. Не можев да и' објаснам како можело да се случи тоа, туку само и' реков да појде до подрачната фондовска единица за да се пријават“, објаснува лекарката, која не знае дали Фондот ги прави пензионерите со нула осигурување намерно или затоа што имаат проблем во комуникацијата со пензискиот Фонд. „Едно е сигурно, на крај ни се куси од капитацијата“, потенцира докторката. Редовно во нејзината листа се појавуваат околу 170 пациенти без осигурување.
Друга докторка вели дека на нејзината листа месечно се јавуваат и по 300 неосигурани лица, посебно пензионери. „Разбирам тазе пензионер веднаш да не се појави на листата на осигуреници, затоа што по неколку месеци се чекаат решенија за пензионирање. Иако и тоа е апсурд. Па, тој пензионер претходно бил вработени и осигуран. Но, нелогично е пензионер кој со години има пензиски стаж да се појавува дека е здравствено неосигиран“, револтирано објаснува една докторка од едно скопско село.
Од Здружението на лекарите-концесионери велат дека не се запознати со овој проблем. „Досега никој од матичните лекари не се пожалил за неосигурани пензионери. Единствен проблем е кога носител на осигурувањето е сопругот и кога тој ќе почине. На сопругата веднаш и' се јавуваме дека мора да ги регулира статусот“, објаснува претседателот на Здружението, д-р Лиле Чолакова-Дервишева. Таа ги советува своите колеги за проблемот да им укажат на своите координатори за да може да се реши состојбата.
Од Фондот за здравствено осигурување не објаснуваат зошто се појавува овој проблем и велат дека не е таква состојбата како што ја прикажуваат матичните лекари. „Ова се екстремно ретки случаи. Но, и да е така и доколку има таков случај со едно одење во подрачаната едница со здравствената легитимација и со доказ за пензијата може да се регулира статусот“, вели Бранко Аџигогов, портпарол на Фондот за здравствено осигурување. Прашање е дали пензионерите можат да се шетаат од амбулантата до подрачните фондовски единици, кои може да се оддалечени и 10 километри од местото каде што живеат.
Лекарите велат дека ако пензионерите имааат некој близок, ќе им ја заврши работа. Но, што со оние што немаат кој да им помогне. Со оглед на тоа дека бројот на пензионери со нулта осигурување не е мал, лекарите направиле сами истрага. Дошле до констатација дека Пензискиот и Здравствениот фонд немаат никаква комуникација. „А, потребно е само да се предаде еден список на нови пензионери или, пак, Фондот да направи сам проверка зошто тој пензионер се јавува како неосигуран. Но, ова никој не го загрижува. Веројатно тоа и му одговара на Фондот. Бидејќи ако секој месец се плаќаат полни суми, ќе снема пари во касата“, коментира еден лекар од Битола.
Кај гинеколози се бришат 300 осигуреници
Одреден број гинеколози се жалат дека од евиденцијата за капитација Фондот им брише и до 300 осигуреници. „Се случува бремена жена, вработена, да ми дојде и да ми каже : ’Докоторе не можам да користам боледување, зашто се водам како неосигурана‘. Во листата на пациенти што се определиле за мене како матичен гинеколог, таа се води со нулта осигурување“, раскажува еден гинеколог од Скопје. Тој вели дека ова е само еден таков пример, а во фиоката има најмалку дваесетина пресметки што не му ги признава Фондот, бидејќи за ФЗО важат за неосигурани. „Треба да ги барам и да им кажувам да одат да си го регулираат статусот, а може да дојдат на контрола дури по една година“, објаснува гинекологот.
|