Чевлите на Маневски големи за Беџети
Дали новиот министер за правда ќе го релаксира судството, бидејќи на новата функција влегува со скусени надлежности?
Гордана Дувњак
За една недела, поранешниот градоначалникот на Сарај, Блерим Беџети, и тазе министер за правда и официјално ќе може им се придружи на своите колеги во Судскиот совет. Дебито ќе го има на давањето свечена изјава на последната тура новоизбраните судии, кои на 15 август ќе се заколнат пред членовите на Советот дека ќе судат чесно и законито.
Тоа ќе биде првата постгодишноодморска активност на 15-членото тело задолжено за избор, напредување и разрешување судии, во кое по функција членуваат и министерот за правда и претседателот за Врховниот суд.
Но, за разлика од својот претходник Маневски, Беџети само ќе седи на истото столче како неговиот претходник(лево од претседателката Александра Зафировска), но со битно измената улога во натамошната работа не само на Судскиот совет, туку и во Советот за јавни обвинители. Се чини дека чевлите на Маневски веќе се преголеми за Беџети, па тој ќе мора да се задоволи во неколку броја помали.
Токму со гласовите на партијата што го предложи на оваа функција и која толку многу инсистираше да го добие назад овој ресор при партиските пазарења со ВМРО-ДПМНЕ, парламентарното мнозинство ги изгласа новините со кои му се скратува на министерот правото на глас. Ресорниот министер ќе има право, како и досега, да присуствува на седниците на Судскиот совет, но во иднина нема да право да гласа.
Но, дали само формалното губење на правото да се притисне копчето за изјаснување ќе значи и намалување на влијанието на извршната власт во работата на СС?
И досега, како еден од главните „одбранбени“ аргументи што се кажуваа од страна на првите луѓе на Судскиот совет беше дека министерот е само еден од петнаесеттемина. А, неговиот глас има иста тежина како останатите членови, кои наводно одлучувале исклучиво по своја совест и убедуваат. За секоја одлука да биде валидна, потребни се најмалку 10 гласа, а од редовите на 15-те „величествени“, барем осум им припаѓаат на судии. Прашање е колку е тоа потврдено и во практиката, бидејќи се покажа дека постои голема унисоност, особено при разрешувањето судии.
Ексчленот на Судскиот совет и адвокат Александар Даштевски не верува дека нешто суштинско ќе се промени во судскиот систем по министерската смена во ресорот за правда.
И покрај тоа што признава дека во последно време беа направени неколку битни промени за функционирањето на третата власт (трансферот на неспорни судски предмети, уставни измени во делот на ингеренциите на министерот за правда), сепак, тој смета дека резултатите се повеќе статистика, а реалноста е нешто сосема друго.
„Ефикасноста и ажурноста на судовите не е зголемена. Доволно е да имате некој предмет во судовите, па да видите на дело како се заглавуваат случаите. Тргнувам од личниот пример. Имам предмет за надомест на штета, кој е лесно решлив и воопшто не е комплициран, а веќе три години е заглавен. Кога јас како адвокат не можам да го остварам своето право, како им е тогаш на обичните граѓани“, оценува поранешниот член на Судскиот совет.
Даштевски е убеден дека улогата на наследникот на Маневски ќе биде поразлична, барем во делот на притисоците врз судството, каде што треба да се очекува малку порелаксирана состојба.
„Но, не треба да се заборави дека крупната работа е веќе завршена. На чело на судските институции се избраа партиски луѓе и тука нешто не може да се направи. А, се' додека не се постигне партиски консензус околу решавање на клучните проблеми во судството, не може да се очекува ниту вистинска независност, а уште помалку ефикасност на третата власт“, додава Даштевски.
Според него, на министерот за правда воопшто не му е местото во Судскиот совет, бидејќи ингеренциите на извршната власт во делот на судството се точно определени. „Министерот за правда и без тоа има многу ингеренции во донесување на регуалтивата, во создавање услови за работа на судовите, за функционирање на судската администрација“, потенцира тој.
Даштевски вели дека ги сфаќа мотивите на ДУИ, кои исто како и нивните коалициони партнери од ВМРО-ДПМНЕ се' уште не се подготвени целосно да ги тргнат рацете од судството врз кое сакаат да имаат влијание. „На судството му е потребен посебен судски буџет, а не да биде дел од генералниот, во кој е само посебно издвоена ставка, без реална можност да се влијае во неговото креирање и трошење“, смета поранешниот член на Судски совет. |