Одбележана десетгодишнината од масакрот кај Карпалак
08.08.2011, 12:53
Со полагање цвеќе и панихида во месноста Карпалак, на автопатот Тетово - Скопје денеска беше одбележана десетгодишнината од загинување на 10-те прилепски резервисти на Армијата на Република Македонија за време на конфликтот во 2001 година.
Панихидата ја отслужија двајца свештеници на тетовското архиерејско намесништво на МПЦ, а на одбележувањето присуствуваа министерот за здравство Никола Тодоров, зам��ник - министерот за одбрана Емил Димитриев, пратеникот Антонио Милошоски, како и повеќе роднини, пријатели и сограѓани на загинатите од Прилеп, но и претставници на политички партии, здруженија и граѓани од Тетово и Тетовско.
Возачот на автобусот кој беше нападнат во 2001 година за време на конфликтот во земјата Ацо Јованоски - Реган и братот на загинатиот резервист Пеце Секулоски, Гоце Секулоски, изјавија дека е жално што и по толку време не се нашло решение за соодветно обележување на местото со споменик наместо само со спомен плоча со нивните имиња.
- За овие десет години уште шестмина од резервистите починаа како последица на повредите здобиени при нападот во Карпалак, рече Јованоски.
Претставникот на здружението на резревни воени обврзници од Прилеп Јордан Трајковски го искажа револтот од автентичното толување на Законот за амнестија со кое беа опфатени и Хашките случаи меѓу кои и нападот и загинувањето на прилепските резервисти кај Карпалак.
- Би го прифатиле ова толкување на законот за амнестија како нужна реалност доколку амнестираните сторители ја признаат својата грешка, се извинат пред македонската јавност и ги посетат местата каде што се случиле овие настани, рече Трајковски.
На 8 август 2001 година армиски конвој составен од пет возила и 120 резервисти наиде на заседа кај месноста Карпалак. Во одбрана на независноста, територијалниот интегритет и суверенитет на државата загинаа Нане Наумоски, Сашо Китаноски, Бранко Секулоски, Горан Миноски, Марко Деспотоски, Ердован Шабаноски, Љубе Грујоски, Дарко Вељаноски, Веби Рушидоски и Пеце Секулоски, сите од резервниот состав на АРМ од гарнизонот Прилеп.
|