Украдената струја го чини ЕВН милиони евра годишно
Неофицијално, ЕВН годишно губи 30 милиони евра по оваа основа, а државната каса е покуса за 5,5 милиони евра
Маја Томиќ
Кражбите на електрична струја, или таканареченото диво приклучување, бил и се' уште е еден од најгорливите проблеми во работење на ЕВН. Според одговорните, кои не обелоденуваат прецизни бројки колкави се загубите по оваа основа, нагласуваат дека како нико��аш досега имаат цврста намера да одат до крај и сериозно да се справат со таквите појави што го загрозуваат системот, редовните корисници, компанијата, но и државата. Неофицијално, на годишно ниво во последните неколку години се крадат по 400 ггвч. струја. Ако се земе предвид пазарната цена на струјата, тоа за ЕВН значи загуба од околу 30 милиони евра за една година. А, загубата за државната каса е приближно 5,5 милиони евра годишно, бидејќи за сумата колку што вреди украдената струја не се наплатува ниту данокот од 18 отсто.
„Нефактурираната, а потрошена енергија не само што е чиста финансиска загуба на ЕВН од повеќе милиони евра годишно туку тоа и не создава обврска за плаќање данок кон државата. Се бориме против оваа појава, а се разбира, во справувањето со овој криминал имаме огромна поддршка и од надлежната институција, Министерството за внатрешни работи“, вели Ленче Карпузовска, менаџерка за комуникации во ЕВН.
Инаку, компанијата постојано има акции за исклучувања на корисниците поради неплатени сметки за струја по неколку месеци, но секоја година им дава и можности на корисниците за плаќање на заостанатите сметки на рати. Лани есента, на пример, имаше една помасовна акција во која се исклучуваа по 2.000 корисници дневно низ целата земја. Според ЕВН, акциите не се ништо невообичаено, а компанијата секогаш најпрво ги користи сите законски можности за да ги наплати побарувањата за потрошената струја. Во врска со наплатата, според одговорните, тековната наплата достигнала 90 отсто, при што најголем ефект за тоа имаат ножиците, односно акции на исклучувања.
„Наплатата на сметките за потрошена електрична енергија е подобрена, но, сепак, и понатаму имаме и редовни корисници, но и корисници што заостануваат во плаќањето. Во изминатиот период понудивме многу можности за оние што не успеале навреме да ги затворат долговите да го сторат тоа на рати. Додека оние најредовните истовремено имаа можност да бидат дел од наградната игра. Со оглед на тоа што секогаш сме фокусирани кон потребите на корисниците, и сега размислуваме за нови атрактивни понуди за мирување на долговите на корисниците. Со ваквите кампањи сакаме да им дадеме шанса да излезат од ситуацијата на акумулирани долгови и да почнат редовно да си ги плаќаат сметките“, вели Карпузовска.
Додава дека не е в ред во акциите на исклучување граѓаните да реагираат и да се конфронтираат со екипи на ЕВН. Компанијата, вели таа, нема цел да биде во конфликт со корисниците, туку, напротив, да биде нивни партнер. „Кога нешто сте потрошиле или купиле, тоа има своја цена и мора да се плати, така и електричната енергија. Сложен и скап е процесот од нејзиното производство, пренос, дистрибуција, па се' до крајните корисници. ЕВН е последната алка на тој процес и ние го имаме директниот контакт со граѓаните, а со тоа и најнеблагодарната работа, да испорачаме сметки и да ја наплатиме потрошената струја. Во тој круг, ако еден не си ја намири својата обврска, го нарушува целиот тој систем“, нагласува таа.
Од ЕВН информираат дека во досегашната акција за промена на струјомерите со нови, која трае неколку години, заменети се околу 60 отсто од активните броила на корисниците. Како што е веќе познато за јавноста, новите броила се дигитални и прецизни и со нив е речиси невозможно да се манипулира, односно да се краде струја. |