Минимален одѕив на невработените за сини картони
Јасмина Јовановска
Крајниот рок до кога невработените треба да се пререгистрираат или ќе останат без сини картони е 1 септември. Од Фондот за здравствено осигурување (ФЗО) се категорични дека нема пролонгирање на рокот и доколку невработените не ја извршат оваа законска обврска, ќе останат без сини картони.
Досега одѕивот за пререгистрација е многу слаб. За еден месец, откога започ��а овој процес, за сини картони се пријавиле само осум отсто од невработените. Или, од вкупно 247. 774 невработени, досега пререгистрација направиле само 20.073 лица. Од нив речиси сите пријавиле нула приходи, што значи дека ќе добијат бесплатни сини картони за лекување.
Најслаб е одѕивот во Подрачната единица - Тетово, каде што пререгистрација извршиле само 2,2 отсто од невработените, потоа Кавадарци - со 3 отсто, па Струга - 5 отсто, Прилеп - 5,6 отсто, Кичево - 5,8 отсто, Берово - 6,4 отсто, Делчево - 6,8 отсто, Крива Паланка - 7,2 отсто и Охрид со 7,5, отсто.
За да не се случи да останат без сини картони, од Фондот апелираат невработените да побрзаат во наредните 20-ина дена. Пререгистрацијата се врши во подрачните служби на ФЗО, а во поголемите градови и на привремените шалтерите на Фондот отворени во просториите на Агенцијата за вработување. Поради горештините, од петокот е поместено и работното време на шалтерите на Фондот и тие ќе почнуваат со работа од 7,30 часот.
Промената на времето дојде по жалбите на невработени, кои реагираа дека надлежните воведоа вакви барања среде лето. „Некои од вработените се на одмор, па на шалтерите има невидени турканици. А во скопската Агенција за вработување од луѓе и не се дише“, раскажува 34-годишно момче, кое останало без работа и било да се пријави во Агенцијата. Невработените се жалат и дека во Агенцијата за вработување работат само неколку шалтери и дека никој не им објаснил каква е процедурата за пререгистрација.
За да се намалат турканиците, од Фондот укажуваат дека освен во подрачните единици на Агенцијата, пререгистрација може да се изврши и во подрачните единици на Фондот за здравствено осигурување. Таа се врши со потпишување изјава за остварени приходи во минатата година и со презаверка на здравствената легитимација со пополнување барање за издавање електронска здравствена картичка. Потребните документи за пререгистрација можат да се подигнат на шалтерите на Фондот, како и да се преземат од веб-страницата на Фондот www.fzo.org.mk.
Лицата вез работа кои минатата година имале приход од 132.000 денари годишно ќе добиваат бесплатни сини картони. Оние што имале приход од 132.000 до 184.000 денари за да добијат сини картони треба да плаќаат по 1.100 денари месечно. Досега само 21 лице пријавило приход над 132 илјади денари годишно. Оние што ќе пријават остварен приход поголем од 184 илјади денари за претходната година ќе плаќаат околу 2.200 денари месечно за сини картони. Оние што изгубиле во меѓувреме работа, а минатата година биле вработени, на образецот треба да пријават приход во последните два месеца. |