Во Азербејџан по враќање на атмосферата во тимот
Македонската репрезентација вчера почна да се собира за пријателскиот дуел в среда во Баку
Сашко Ѓ. Димовски
Неколку часа пред договорот со Џон Тошак за селектор на Македонија, нашиот национален тим тргна со подготовките за претстојниот пријателски меч во Баку со селекцијата на Азербејџан. На првиот собир кај Бобан Бабунски се пријавија четворица играчи. Вчера напладне во Скопје беа Величе Шумуликоски, Влатко Гроздановски, Стефан Спировски. Дел од останатите повикани требаше да бидат во репрезентативната база до крајот на денот, па Бабунски очекуваше да работи со десетмина на воведниот тренинг. Оние, пак, кои имаа обврски кон своите клубови викендот ќе се приклучат на експедицијата на аеродромот во Виена како Димитровски, Попов и Пандев. Славчо Георгиевски и Игор Митрески, за кого се чека дозвола за настап од лекарскиот тим на Нефчи, ќе ги чекаат соиграчите во главниот град на Азербејџан.
„Не' очекува меч со репрезентација која заслужува респект. Не е тоа Азербејџан каков што имаме впечаток овде. Ги гледав двата последни меча што ги играа против Германија и Казахстан. Посебно оној со Германците. Го загубија со 2:1, но не дозволија да им направат многу шанси. Видлива е дисциплината во тимот што ја наметнал Берти Фогтс. Имаа добри напаѓачи, добар среден ред. Изненадија многу силни селекции. Се надевам дека ќе успееме да оствариме позитивен резултат“, порача в.д. селекторот Бобан Бабунски.
Од комбинација отпаднаа тројца, Николче Новески побара поштеда и ја доби поради згуснатиот распоред на неговиот Мајнц 05 во квалификациите за Лига Европа, стартот на новата сезона во Бундеслигата и улеството во германскиот куп. Лазевски се' уште не е доволно заздравен по повредата што ја здоби во мај во дербито со Црвена звезда која го оддалечи од тимот на Партизан во квалификациските пресметки за Лигата на шампиони со Шкендија и Генк, во последниот меч за Марибор се повреди и Агим Ибраими поради што беше принуден да го откаже своето доаѓање. На нивни места Бабунски порача дека нема да кани други фудбалери поради временскиот теснец и сложената процедура за обезбедување визи за влез во Азербејџан.
Дуелот со Азербејџан за Величе Шумуликоски е одлична можност за враќање на атмосферата во репрезентацијата преку остварување на позитивен резултат пред натпреварот што не' очекува во септември во Москва против Русија во квалификациите за ЕП 2012.
„Квалитетна селекција е Азербејџан. Го респектираме нашиот нареден домаќин. Гостувањето во Баку ќе се обидеме да го искористиме за добар резултат што ќе не' врати во вистински колосек во наредната квалификациска обврска и гостувањето кај Русија“, рече Величе Шумуликоски. |