Мустафа-пашина џамија ја смени само церадата
Најавено е дека до крајот на годинава, куполата ќе го добие очекуваното олово
Катерина Богоева
Импозантната Мустафа-пашина џамија од 15 век една од најубавите џамии во земјава, репрезентативен споменик на културата од Османлискиот период, се подготвува викендов да ја пречека најавената висока делегација од парламентот во Турција, поради што вчера беше и сменета церадата, која го покрива привремениот покрив на куполата што чека конечно да биде препокриена со олово. Селајдин Мани од одборот на џамијата при Исламската верска заедница, незадоволен од бавното одвивање на предвидените работи на објектот, посочи дека изведувачот, турската фирма РЕНА до вчера требаше да ги заврши работите со препокривање, но очекува дека барем до крајот на годинава тоа ќе биде и завршено. Реставрацијата и конзервацијата на џамијата започна во 2006 година, по потпишаната спогодба меѓу Националниот конзерваторски центар и Турската агенција за развој и соработка - ТИКА од Анкара, која е и финансиер на изготвениот финален проект од страна на Гази Универзитетот, од истиот турски град и на работите на теренот.
Актуелниот директор на Националниот конзерваторски центар Бехиџудин Шехапи, кој на ова место во својот прв мандат беше и при потпишувањето на спогодбата за обнова на џамијата од македонска и турска страна, деновиве по реакциите во јавноста на џамискиот одбор за бавната динамика на обновата изјави дека временото запирање на работите не било тенденциозно. По средбата со вклучените стручни лица од двете страни во проектот, деновиве оптимистички и најави дека до крајот на месецов, ќе биде завршена задоцнетата прва фаза, односно ќе биде покриена куполата со олово и на местата од старите, ќе бидат вградени нови камени блокови.
„Во изминатите две и пол -три години зајакнати се само темелите на џамијата и е завршена предвидената работа на минарето. По моето повторно доаѓање во Националниот конзерваторски центар, ја разгледав целата документација и се согласивме преку ТИКА на изведувачот да му посочиме да ги заврши предвидените активности од последната фаза, по што ќе објавиме нов тендер за работите поврзани со сликарската декорација, р��конструкција на шадрванот, потребното чистење и средување на ѕидовите и хортикултурно уредување, со услов да бидат завршени до крајот на 2009 година. Предвидуваме поинтензивна контрола на реставрацијата, поголема активност, координација и усогласување на ставовите на сите вклучени страни во работата“.
Тој е убеден дека во изминатиот период Националниот конзерваторски центар како носител на конзерваторското одобрение кој ја следел ситуацијата и имал свој надзор на работите, требало да покренува и нови иницијативи за забрзување на активностите. Не ја искористил дадената можност од партнерот ТИКА и изведувачот да побара да се промени динамиката на работите или евентуално да најави и стопирање на одобрението за работа. „Тоа изостанало, а станува збор за објект од исклучителна вредност, кој собира многу верници за извршување на верски обреди, особено за верските празници“.
А работите на џамијата во изминатиов период беа и под стручен надзор на формираната комисија за стручна контрола при Управата за заштита на културното наследство, стручен надзор на објектот формира и Исламската верска заедница, од македонска страна, тимот е комплетиран и со стручен консултант, кои досега не алармираа дека објектот претрпел поголемо оштетување. Санацијата и конструкцијата на темелите се работеше по проект подготвен и од ИЗИС од Скопје кој подготвил и додатен анекс проект за санација на куполата, исто така одобрен од турска страна. Шехаби ги отфрла како неточни обвинувањата на изведувачот дека токму тука, на тие непредвидени работи на стартот на проектот се изгубило драгоцено време и пари, посочувајќи дека РЕНА во меѓувреме почнала да работи на изградба и на амбасадата на Турција на Водно. „Моја констатација е дека токму на нив и им одговарала бавната комуникација за проектот меѓу ТИКА и Универзитетот Гази од Анкара“. |