Викенд на македонска култура во Берлин
Во библиотеката Луисабад утре ќе биде изведена монодрамата на Јусуф Гулевски
Галеријата „Прима центар“ во Берлин организира Викенд на македонската култура во Берлин. Програмата ќе биде отворена вечер со самостојна изложба на Драган Спасовски Охридски - „Дигитал во Дигитал”. „Авторот ќе се претстави со сложен концепт на 35 принта, компјутерски преработени симболи и форми кои се повторува низ различни геометриски принципи“, соопшти „Прима центар“ од Берлин.
Во библиотеката Луисабад утре ќе биде изведена монодрамата на Јусуф Гулевски, со наслов „Овде живее Т.Т. еден странец од Македонија“, а за во недела е предвидена видео-филмска вечер и проекција на „If you need me“ на Дарија Андовска, „Dogs and Trains“ на Киро Урдин, „Staying Upright!!!“ на Кристијан Ристевски, „Years of Solitude“ на Филип Кондовски, поетска презентација на текстовите „Мојот ИД поглед” на Паула Балов, како и забава со македонска современа амбиент и етно музика и промоција на новиот албум „Порта Маседонија“ на Александар Велјанов.
Галеријата Прима центар Берлин постои пет години во германската престолнина и досега има реализирано над 50 културни презентации на Македонија, гостувања на повеќе од сто македонски уметници во Берлин. „Прима центар“ - Берлин членува во здруженијата Kolonie Wedding и Солдинер Форум Берлин и соработува со Европското здружение на уметнички продуцентски галерии. (К.Р.)
|