Книгите што ја одбележаа 2008 во „Култура“
До крајот на годинава „Култура“ ќе ја објави контроверзната книга „Скапоцениот камен од Медина“
Невена Поповска
Во книжарниците на „Култура“, под мотото „Дедо Мраз чита кај нас“, почнаа новогодишните попусти. Во овој новогодишно-божикен попуст, најстарата издавачка куќа своите изданија ги продава со намалување од 60 проценти. Како што не информираа оттаму, во „Култура“ предвиделе и дополнителни попусти доколку читателите одберат „пакет“ од три или пет наслови.
Книгата во пресрет на новогодишните празници повторно се најде на сечиј список за најсоодветен подарок и затоа во понудата на „Култура“ се поместени наслови кои ја одбележаа 2008 година. Меѓу останатите изданија, во книжарниците на „Култура“ може да се најдат и дваесет нови наслови, меѓи нив и „Катедралата на морето“ од Илдефонско Фалконес, шпански писател кој во моментов во светот го нарекуваат „новиот Ден Браун“. Пота следуваат: „Наследството на Скарлати“ и „Стратегијата Банкрофт“ и двата од Роберт Ладлам, чии дела за прв пат се преведени на македонски јазик, потоа, „Микрокосмос“ од Асука Фуџимори, „Третиот Исус“ од Дипак Чопра, „Видиковец“ од Мајкл Конели, „Мала школа за добрина“ од Маргот Сили Форест, „Паднати ангели“ од Нора Робертс, „Ќерката на мојата најдобра пријателка“ од Дороти Кумсон, „Кражба“ од Питер Кери.
Контроверзната книга „Скапоцениот камен од Медина“ од Шери Џонс, главниот уредник на „Култура“, Глигор Стојковски неодамна најави дека е целосно подготвена за печат и дека на македонските читатели ќе им биде достапна до крајот на годинава. „Скапоцениот камен од Медина“ е романтична приказна за најголемата љубов на Мухамед, но и интересно четиво за расниот ислам, за духовната, дипломатската и војничката сила на Пророкот. Досега романот беше објавен во Англија, САД и во уште неколку други земји, а во нашето најблиско соседство, најпрвин беше објавена во Србија, каде на неодамнешниот Меѓународен саем на книгата беше хит.
Акцијата која во „Култура“ се реализира под мотото „Дедо Мраз чита кај нас“ ќе трае до средината на јануари и заедно со „Ноемвриската ревија на книгата“, од „Култура“ најавуваат дека ќе бидат традиционални.
|