Овој викенд во Кинотека „Тетовирање“ и „Време, води“ Вечерва во 20 часот во рамките на циклусот „Пред актерот - простум“ во Кинотека на Македонија ќе биде прикажан филмот „Тетовирање“ на Столе Попов од 1991 година. Станува збор за еден од култните филмови во македонската кинематографија кој говори за беспрекорноста на функционирањето на апсурдот, репресијата и насилството во еден општествен систем. Дејството на „Тетовирање“ се развива тргнувајќи од една апсурдна ситуација, кога главниот лик, Илија, по една караница со сопругата го напушта домот со единственото нешто што го поседува, празниот куфер. Сакајќи да најде малку мир, оди на железничката станица, каде што им станува сомнителен на двајца полицајци кои поради само за нив познати причини, го апсат. Во Истражниот затвор тој ги преживува сите „финеси“ на затворското живеење... Во филмот играат: Мето Јовановски, Данчо Чеврески, Александар Чамински, Јовица Михајловски, Кирил Поп Христов, Сабина Ајрула, Петар Арсовски и други.
Во недела, пак, од истиот термин, ќе бидат прикажани секвенци од филмот на Бранко Гапо од 1980 година, „Време, води“, снимени со Ристо Шишков. Во овој филм фокусиран врз животната приказна на Петар Ќушко и неговите соселани од селото Сушево кои се соочени со проблемот на недостиг на вода, настапуваат: Петар Арсовски, Душко Костовски, Шишман Ангеловски, Мето Јовановски, Ненад Милосавлевиќ и други.
Влезот на филмовите е бесплатен. (Л.М.)
|