Без книгата светот ќе беше посиромашен
Во НУБ „Св. Климент Охридски“ свечено одбележан Светскиот ден на книгата и авторското право
Невена Поповска
Светскиот ден на книгата е еден од најубавите празници на човештвото. Овој ден вчера беше одбележан со свеченост што се одржа во Националната универзитетска библиотека „Св.Климент Охридски“, каде што на секој од присутните му беа подарени книга и цвет.
Македонската порака упатена од писателите, по овој повод ја напиша претседателот на Друштвото на писателите на Македонија, Раде Силјан, во која, меѓу другото, се вели: „Бидејќи книгата, иако не може, како што обично се вели, да го измени светот, таа со својата внатрешна светлина, со убавите пораки што ги содржи и што ги шири, го збогатува и го разубавува монотоното живеење на луѓето, давајќи му нова смисла и нов дух. Така, со сигурност можеме да кажеме дека без книгата светот ќе беше многу посиромашен. Затоа и најголемото човечко откритие, по огнот, се смета откритието на Гутенберг, или како што е наречено, Гутенберова галаксија. Тоа соѕвездие на книгата веќе го покрива целиот свет. Оттаму зрачат не само малите и големите животни истории на луѓето, не само страдањата, копнежите и идеалите на народите туку и огромното јазично шаренило низ кое посебно, на својствен начин се изразува секој народ, секоја национална култура, што ја создава глобалната светска култура, да го парафразираме Гете, втемелувачот на големата идеја за единство на светот низ визијата на творештвото, а со богатството на националните различности и специфики.
Во таа разноликост и распространета галаксија на книгата, во таа глобална духовна географија, значајно место зазема и македонската книга. Ако пред сто и педесет години нашиот преродбеник Рајко Жинзифов во својата страдалничка патетичност ќе ги испее стиховите : ’О, книги многубројни, што вие направивте за мојот народ…‘ денешните македонски писатели се свесни дека нивните книги претставуваат голема вредност во духовниот и национален подем на нашиот народ. За тоа сведочат и илјадниците изданија, како и големиот број преведени книги од светската класика и од модерната белетристика на македонски јазик. За книгата, заврши Силјан, се искажани пофални слова од страна на многу значајни писатели и мислители. Во оваа пригода ќе го цитирам големиот кинески поет Лу Јуан, добитник на ’Златниот венец‘ на ’Струшките вечери на поезијата‘, кој во својата беседа во Света Софија во Охрид, рече: ’Книгата отвора врати во цел свет, а ако влезе во вашиот дом, таа останува таму како најголем трезор, од каде што зрачи среќата на универзумот‘.”
По повод Светскиот ден на книгата и авторското право своја порака упати и Ирина Бокова, генерален директор на УНЕСКО, која подвлече: „Оваа година, петнаесеттото одбележување на Светскиот ден на книгата и авторското право е во рамките на ’Меѓународната година на зближување на културите‘. Книгата овозможува подобро запознавање на другите и на нивните мисли, всушност таа овозможува подобро осознавање на светот. Книгата, исто така, дава можност да се напредува, во секое животно доба, а особено во младоста. Не можеме да ја славиме книгата без да помислиме на 759 милиони луѓе кои не знаат ни да читаат ни да пишуваат, од кои, пак, две третини се жени. Но, слободата на читање, едуцирање, пристап до најдалечните култури и до резултатите од истражувањата се фундаментално човеково право. Секој треба да го ужива правото на образование. Слободното движење е, исто така, неопходен услов секој да има пристап до книгата. Преведувањето секако има значајна улога во пренесувањето на сето знаење што го нуди книгата. Но, секако дека е потребна и иновативна издавачка политика, која ќе одговори на потребите и стремежите на сите луѓе. Наспроти новите форми на книгата, наспроти промените во нејзината концепција, продукција и пристап до содржините, сега треба да се потсети дека н? може да има развој на книгата без почит на авторското право. Ова е дотолку поактуелно во ова време кога дигитализацијата уште повеќе ја изложува книгата на ризик за незаконска употреба“.
Свеченост организираше и Градска библиотека „Браќа Миладиновци“ во соработка со Амбасадата за мир во Македонија. |