Во Измир претставена традиционалната македонска музика
На втората средба на Студиската група за музика и танц во ЈИЕ учествувале четворица етномузиколози од земјава
Во Државниот Еге универзитет, во турскиот град Измир, од 7 до 11 април е одржана втората средба на Студиската група за музика и танц во Југоисточна Европа, каде што традиционалната музика и танц од Македонија била претставена во 8 реферати. За неа говореле македонските научници, етномузиколозите: Велика Стојкова-Серафимовска, Ивона Опетческа-Татарчевска, Родна Величковска и Соња Здравкова-Џепаровска и четворицата странски научници - Victor A. Friedman (САД ), Jane Sugarman (САД), Elsie Ivancich Dunin (САД/ХРватска) и Carol Silverman (САД), кои го истражуваат македонскиот фолклор.
На симпозиумот, каде што се разгледувале две генерални теми: „Како јавните презентации влијаат врз перцепцијата и практиката на музиката и танцот, регионални и национални искуства“ и „Едукативни системи за музиката и танцот (процеси на учење и предавање)“, учествувале 60 научници од сите земји од Југоисточна Европа, Германија, Австрија, САД, Велика Британија и Чешка. Коорганизаторот и претседавач со програмскиот одбор на симпозиумот, м-р Велика Стојкова Серафимовска, деновиве ја потенцираше важноста на одржаниот собир, посочувајќи дека со многу плодни и интересни дискусии, тој бил одржан во одлична комуникација, која на балканското подрачје се покажала како единствено и многу потребно. Присуството на македонските претставници го поддржало Министерството за култура.
Студиската група за музика и танц на Југоисточна Европа е основана во 2007 година во Струг,а каде што во 2008 година е одржана и нејзината прва средба. Групата е од регионален карактер и е единствена од ваков вид во светот. Работи на иницирање и одржување научни истражувања на музиката и танцот во Југоисточна Европа преку организирање научни средби, проекти, публикации и соработка. Служи и како форум за постојана комуникација меѓу научниците од регионот и оние што го истражуваат регионот. Со нејзиниот одбор од пет члена претседава м-р Велика Стојкова-Серафимовска.
Групата е дел од Интернационалниот совет за традиционална музика, кој организира и подржува изучување, практикување, документирање, зачувување и ширење на традиционалната музика, вклучувајќи ја народната, популарната, класичната и урбаната музика и ��анц од целиот свет. За оваа цел, тој организира средби, светски конференции, симпозиуми, студиски групи и колоквиуми. Исто така, Советот води директориум на членови и го надгледува подготвувањето и публикациите на списанијата и билтените. Како единствена светска организација со ваква цел е основан на 22 септември 1947 година во Лондон, Англија, од страна на научници и музичари, а во 1949 година станал еден од основачите на International Music Council – UNESCO. Моментално е во формален консултативен однос со УНЕСКО.
Преку широко раширената интернационална мрежа на свои членови, Интернационалниот совет за традиционална музика претставува врска меѓу луѓето од различни култури и му служи на мирот на човештвото. (К.Б.) |