Науката и уметноста говорат на единствен јазик
Во организација на Академијата и на Друштвото на науките од Берлин „Лајбниц“ се одржа научна конференција на тема „Науката и уметноста“
Невена Поповска
Во Македонската академија на науките и уметностите се одржа научна конференција на тема: „Науката и уметноста“. Конференцијата се одржа во организација на МАНУ и Друштвото на науките од Берлин „Лајбниц“ и истата со свое обраќање ја отвори претседателот на Република Македонија, Ѓорѓе Иванов.
„Македонија гледа силен партнер во Германија за надминување на препреките кои се исправени пред нас во реализација на нашите интереси. Двете земји имаат извонредна политичка, економска и севкупна соработка“ истакна претседателот Иванов на научна конференција насловена „Науката и уметноста“. „Одличните билатерални односи и соработката, продолжи Иванов, придонесуваат кон плоден политички дијалог. Денешната конференција, рече тој, е потврда за добрата соработка, а двете академски заедници македонската и германската ја препознаваат и се подготвени да ги здружат знаењето и искуството за доброто на сегашните генерации и идните поколенија. Науката и уметноста се области кои во целиот свет се говорат и толкуваат на единствен јазик“, рече Иванов.
Во својот говор македонскиот претседател се осврна на експресионизмот - движење кое се појави пред 100 години во Германија и остави големи траги во науката, а за кое, како што рече, во последно време се појави голем интерес.
Свое обраќање на конференцијата на тема „Науката, уметноста и нашето време“ имаше и академик Георги Старделов, која се осврна на научната соработка во современите текови, а за македонската проекција на актуелните односи меѓу Македонија и Германија говореше амбасадорот Ѓорги Филипов. Германскиот научник Ханс Ото Дил зборуваше за Хумболт - патувач, научник, предвесник на глобализацијата.
Македонската проекција на актуелните односи меѓу Македонија и Германија, Коста Рацин и германската поезија, Рецепција на германско-јазичната книжевност во Македонија 1944-2010 се дел од темите кои беа презентирани на конференцијата. |