Дејан Лилиќ е нов директор на МНТ
За нов директор на Македонскиот народен театар е избран актерот Дејан Лилиќ.
Како што информираат од Министерството за култура, изборот е направен врз основа на предлог на Комисијата за селекција на кандидати, меѓу кои во јавноста беа споменувани имињата на Весна Петрушевска и Нелко Нелковски. Според нив, Дејан Лилиќ ги исполнил општите и посебните услови утврдени со Конкурсот, а во согласност со доставената програма за работа и развој на Установата за периодот 2010-2014 година, поседувал стручни и други квалитети за директор.
Програмата што ја доставил Лилиќ, според Министерството за култура, е насочена, пред се', кон градење на една нова театарска естетика што води кон отворање нови полиња на театарско дејствување со посебен осврт кон модернизација и осовременување на маркетингот и достапноста на театарот преку глобалните мрежи за комуникација. Во програмата е посветено сериозно внимание на поттикнувањето и промовирањето на современата македонска драматургија преку организирање на јавни читања и конкурси за современи текстови, поставување на најдобриот текст и публикување на најдобрите драми во посебна двојазична едиција поради меѓународно промовирање на нашите драмски автори.
Меѓу другото, во програмата било наведено и збогатување на репертоарот со гостување на релевантни театарски куќи од регионот и од Европа, кои би биле атрактивни и интересни за публиката, а компаративни за екипите и авторите што ќе творат во МНТ. (Н.П.) |