Број 3427  вторник, 09 ноември 2010
прва страница Архива контакт редакција маркетинг претплата
Втора страница
На прво место
Политика
Македонија
Економија
Хроника
Едиторијал
Мислења
Писма
Свет
Култура
Спорт
Скопје
Забава
Некролог
Хороскоп
Што прават денеска
Вести








Site Meter
Култура

На „Синедејс“ филмови од Берлин и од Кан

На 9. Фестивал на европски филм, под мотото „Чувство на добар филм“, ќе се прикажат 60 филма, а ќе се отвори и автокино

Сунчица Уневска

Годинешниот Фестивал на европски филм „Синедејс“, кој ќе се одржи од 11 до 18 ноември под мотото „Чувство на добар филм“, најавува амбициозна програма. Во текот на седум дена, во рамките на 9. издание на фестивалот, ќе бидат прикажани 60 филма поделени во шест програмски целини, ќе се одржат предавања, работилници и разговори, ќе има изложба и бројни концерти. Фестивалот годинава ќе се одржи во киносалите „Милениум“ и „Фросина“, но како што најави директорот на МКЦ, Златко Стевковски, ќе има настани и на отворено, а најголемата атракција се очекува да биде отворањето на автокино, и тоа на најубавиот видиковец на Водно.

Фестивалот годинава носи повеќе филмови од Берлин и од Кан, кои ќе се прикажат во рамките на Гала програмата, а лауреатите од овие фестивали ќе го означат и стартот и затворањето на 9. „Синедејс“. Така, за отворањето е предвиден тајландскиот добитник на „Златна палма“, филмот „Чичко Бонме се сеќава на минатите животи“ во режија на Апичатпонг Верасетакул, додека крајот на фестивалот ќе биде во знакот на турскиот филм „Мед“ на Семи Капланоглу, кој годинава ја освои „Златната мечка“ во Берлин. Во Гала програмата ќе можат да се видат и британскиот филм „Убиецот во мене“ на Мајкл Винтерботом, како и делата на двајца автори кои не се од Европа, но станува збор за европски копродукции. Тоа се филмовите на американскиот режисер Вуди Ален „Ќе сретнеш висок црн странец“, кој е снимен во Велика Британија и е направен во копродукција со Шпанија, и филмот од Чад „Човекот кој вреска“ на Махамат-Салех Харун, направен во копродукција со Франција и со Белгија. А тука се и уште три филма од Кан, и тоа: „Филм социјализам“ на Жан Лик Годар, „На турнеја“ на Метју Амалрих и „За боговите и за луѓето“ на Ксавиер Бувоа, кој понесе номинација и за „европскиот оскар“.

Селектор на главната и на балканската програма годинава за првпат е Бернд Будер од Германија. Во главната програма се се��ектирани 12 филма од исто толку земји од Европа, додека во програмата „Балкан линк“ се шест филма, кои ќе се борат за наградите „Златна и Сина ѕвезда“, како и за „Златно сонце“ резервирано за филмовите од регионот. „Официјалната програма која се фокусира на први или втори филмови презентира шаренило од младо филмско творештво“, вели Бернд Будер. Неговиот заклучок во поглед на состојбата со европскиот филм денес, е дека тој е во движење, во потрага по различност, по многуслојни ракописи и нова свежина надвор од уметничките граници на минатото и на сегашноста.

Меѓу насловите во главната програма се: чешкиот „Кавасаки рози“ на Јан Хребејк, унгарскиот „Библиотека Паскал“ на Шаболш Хајду, австрискиот „Америка однатре“ на Барбара Едер, како и три веќе познати и потврдени наслови, романскиот „Ако сакам да свиркам, ќе свиркам“ на Флорин Сербан, хрватскиот „Црнци“ на Звонимир Јуриќ и Горан Девиќ и српскиот „Тилва Рош“ на Никола Лежаиќ, кој ја освои главната награда на Сараевскиот фестивал.

Додека, во програмата „Балкан линк“ ќе го видиме новото остварување на Рајко Грлиќ „Нека остане меѓу нас“, босанскиот „32 декември“ на Саша Хајдуковиќ и моментно најгледаниот филм во Бугарија, „Мисија Лондон“ на Димитар Митовски, кој е направен во копродукција со Унгарија, Шведска, Велика Британија и Македонија. Но, учеството на Македонија во овој филм, за жал, не е нагласено во каталогот на фестивалот.

„Синедејс“ секоја година прави презентација на една европска кинематографија, а годинава акцентот ќе биде на новиот италијански филм. Другите две програми се резервирани за кратки филмови и за музички документарци. Што се однесува до гостите, се очекува доаѓањето на Рајко Грлиќ, како и на режисерот и продуцентот на турскиот филм од главната програма, „Те сакам“. А од проектите и настаните, организаторите го најавуваат „Видео активизмот во Хрватска“, потоа предавањето на Сањин Пејковиќ, кој е и претседател на жирито, насловено „Филмска стварност“, како и работилниците за едноминутни видеа изработени од деца, како дел од проектот „Правда за децата“, кој е финансиран од ЕУ и кофинансиран од Уницеф. И, се разбира, автокиното, кое е предвидено така, да може и во автомобилите да се фати фреквенцијата на филмот на платното.

Во жирито годинава, покрај Сањин Пејковиќ се и Влатко Галевски и Николас Гастер. Буџетот на фестивалот, како што рече Златко Стевковски, е 1.650.000 денари, со тоа што Советот на град Скопје дава 900 илјади, Министерството за култура 450 илјади денари, а останатите 300 илјади денари се од мисијата на ЕУ во Македонија. И, на крајот, да кажеме дека „Синедејс“ ќе се обиде и да ја поттикне борбата против пиратеријата, со тоа што секој што ќе донесе пиратско ДВД ќе може да купи билет за 50 денари, а не за 150, колку што ќе биде годинава редовната цена на влезниците. Мотото на фестивалот, „Чувство на добар филм“, се однесува токму на чувството да се гледа филм во киносала, а не на пирати. Каков ќе биде одѕивот, останува да видиме.


#
Статијата е прочитана 393 пати.

Испрати коментар
Најди! во Утрински
Култура
Дејан Лилиќ е нов директор на МНТ
Современиот хрватски цртеж во МСУ
Антологија со драмите на Стефановски објавена во Романија
Основниот пакет само за ургентни состојби
„Баханалии“ во Велешки театар во чест на Мето Јовановски
Битолски театар слави 66. роденден
„Времето на ирвасите“ од Митко Маџунков објавен во Бугарија






Croatian citizens sceptical of EU membership, poll reveals.
Bulgaria and Russia expected to sign gas pipe agreement
One third of cigarettes in Bulgaria are 'illegal'