„Турк телеком“ со понуда за купување на „Космофон“
Турската телекомуникациска компанија „Турк телеком“ соопшти дека поднела прелиминарна понуда за купување на македонскиот мобилен оператор „Космофон“.
Во соопштението доставено до берзата во Истанбул се вели дека прелиминарната понуда била дадена завчера, но не се наведуваат други детали.
„Турк телеком“ на 1 декември објави дека ја ангажирал компанијата „Џи-Пи Морган“ како консултант во обидот за купување на „Космофон“, фирма- ќерка на грчки ОТЕ, чиј сопственик е „Дојче телеком“.
Интерес за „Космофон“ искажаа и „Телеком Австрија“ и „Телеком Словенија“. Според македонските антимонополски закони, „Космофон“ мора да ја смени сопственичката структура по преземањето на ОТЕ од „Дојче телеком“, бидејќи со тоа германскиот телекомуникациски гигант, кој е сопственик и на „Т-мобиле“ , би добил монополска позиција во Македонија. (МИА) |