Падот на фунтата го враќа еврото во игра
Банкарски експерти велат дека британската валута ќе продолжи да се лизга и многу скоро ќе се израмни со еврото
Од нашиот дописник Томислав Ивановски
ЛОНДОН - Повеќе илјади, главно, постари Британци кои по пензионирањето одлучија да ја остават Британија и да се преселат во Шпанија, Португалија, Франција или во Италија поради климата и сонцето, како и поевтиниот живот, сега забрзано се подготвуваат за враќање, откако нивната пензија добиена во фунти стана недоволна за покривање на трошоците што ги плаќаат во евра. Еден милион Британци пензионерските денови ги минуваат во земјите на еврозоната и нивниот престој таму до скоро беше примамлив, затоа што фунтата беше скапа во однос на еврото.
Но, забрзаната ерозија на британската национална валута во втората половина од оваа година, а посебно во изминатите триесетина дена, придонесува можност за останување во овие земји да имаат само тие што купиле имот или кои имаат приходи не само во фунти туку и во евра.
Едно британско семејство кое досега удобно живееше во местото Калпе, на шпанската Коста Бланка, од неодамна одново е во Фелтам, во англиската област Мидлсекс, затоа што, како што објаснува во разговорот за лондонски „Дејли мејл“, кога во 2000 година се преселиле во Шпанија, едно евро беше само 58 пени, а сега за него мора да се дадат 88 пени. Таа голема разлика во курсот од половина фунта ја прави целата досегашна сметка за поевтиниот живот далеку од дома сосема надмината и веќе неважечка. Работите, меѓутоа, се усложнуваат уште повеќе, не само за овие луѓе туку и за целата британска економија, затоа што фунтата и понатаму продолжува да паѓа. Изминатите денови таа се спушти до цели 90 пени за едно евро. Банкарски експерти од лондонскиот Сити велат дека фунтата ќе продолжи да се лизга и дека многу скоро ќе се израмни со еврото, па дури и да биде под него.
Така и��и не, британските туристички агенции со поделено расположение гледаат на забрзаното паѓање на фунтата. За патувањето во странство оваа зима и следното лето се' ќе биде поскапо, а посебно во земјите од зоната на еврото, каде што главно се наоѓаат туристичките дестинации во кои Британците најчесто се упатуваат за да се одмораат и да летуваат. Тоа може да придонесе за опаѓање на летувањето во евроземјите, што се забележа уште при годишните аранжмани. За домашниот туризам, пак, падот на фунтата е добредојден затоа што ја поевтинува, инаку, скапата британска хотелска и туристичка понуда. Голема река од француски, германски, италијански и шпански туристи се слева овие денови во Лондон, каде што, покрај хотелите и рестораните, сега е поевтина и стоката што ја нудат овдешните трговци. Ако до минатата година ова време Британците одеа на шопинг тури во Париз, Брисел и многу често во Њујорк, каде што се' им изгледаше како без пари, сега туристи од Европа и од САД доаѓаат на шопинг во Лондон, кој зафатен од економската криза на земјата ги почна распродажбите многу пред божикните и новогодишните празници, како што беше вообичаено досега, па се' изгледа евтино и привлечно како никогаш досега.
Многу поевтината фунта треба да го поттикне британскиот извоз и да ја засили британската понуда на светскиот пазар, иако критички настроените економски аналитичари воопшто не се радуваат од ваквиот развој на работите. Според нив, падот на домашната валута е резултат на изгубената доверба на инвеститорите во економијата на Британија, до што дојде поради уривањето на пазарот на недвижен имот и до голем пад на цените на куќите и становите, како и поради владините планови за продолжување со државните задолжувања и трошењето. Владата на премиерот Гордон Браун засега не покажува со ништо дека се возбудува од лизгањето и падот на фунтата кон еврото на рекордно ниско ниво, но и кон американскиот долар. Британското Министерство за финансии соопшти дека нема да интервенира за да ја заштити домашната валута, објаснувајќи дека тоа „не е прашање од примарно значење“
Обидот на опозицијата да ја натера владата да објасни зошто паѓа фунтата и до каде ќе води тоа беше грубо спречен со интервенција на премиерот и на медиумите блиски до него дека дебатата за националната валута би била контрапродуктивна и штетна за неа, затоа што уште повеќе ќе се намали довербата во фунтата, што би резултирало со уште поголем пад, но Браун не успеа да го спречи распалувањето на еврофобијата. Дел од британската јавност е на мислење дека засиленото соборување на фунтата е дел од наводната владина тактика за подготвување терен за влез на Британија во еврозоната. Таквото мислење уште посилно го изразија британските ториевци, кои ја предупредија владата да не се одлучува за таков предавнички чекор, сомневајќи се дека со влегувањето во владата на Питер Менделсон, како министер за трговија и бизнис, овој поранешен еврокомесар во Брисел, кој и порано и сега важи за поддржувач на еврото, ќе се засили проеврокрилото во владиниот кабинет. Материјал за тоа даде претседателот на ЕК, Мануел Баросо, кој во едно интервју откри дека за прифаќањето на еврото разговарал „приватно“ со истакнати политичари од Британија, кои му признале дека „ќе беше подобро за британската економија ако таа во сегашната глобална финансиска криза беше во еврозоната“. Страстите уште повеќе се распалија откако Баросо соопшти дека Лондон никогаш досега во овие изминати девет години не бил поблиску до еврото.
Ториевците тврдат дека „еврофанатиците“ во лабуристичките редови се подготвени да ја турнат британската економија во рецесија само за да го постигнат она што велат дека одамна го посакуваат, а не го сторија додека Тони Блер постојано го одложуваше ова прашање. Владата се обиде да ја смири атмосферата со изјава во која се вели дека ништо не се менува во политиката на официјален Лондон кон еврото, но призна дека и натаму се испитува што се добива, а што се губи со прифаќањето на европската валута, наместо фунтата. |