Сега можам да бидам мирен, кога знам каде е мојот филм, рече режисерот Столе Попов
Сунчица Уневска
Вчера во Кинотеката на Македонија во присуство на голем број филмски работници, странски гости и дипломатски претставници во употреба беа пуштени пет нови депоа за чување на националниот фонд на аудиовизуелни добра, изградени во сутеренот на оваа институција. Депоата, кои се опремени по најсовремени стандарди за чување и заштита на филмови, ги отвори министерката за култура Елизабета Канческа - Милевска со симболично пресекување на филмска лента, а првиот филм кој беше дониран во оваа филмска архива беше „Дае“ на режисерот Столе Попов.
„Во 35-годишното постоење Кинотеката на Македонија за првпат се стекнува со оптимални услови за чување на националната продукција. Со новите депоа Кинотеката на Македонија ги исполнува основните постулати на сите релевантни меѓународни препораки за чување и заштита на аудиовизуелното наследство. Подвижните слики се израз на културниот идентитет на секој народ и интегрален дел на секое национално културно наследство“, рече директорката на Кинотеката, Мими Ѓоргоска - Илиевска, нагласувајќи дека токму поради тоа отворањето на овие депоа за сите филмски работници и за граѓаните на оваа земја претставува празник на кој достојно се прославува филмската уметност.
Станува збор за отворање на пет комори во кои ќе биде сместена националната филмска продукција, од кои во секоја ќе можат да се сместат по 4.200 копии. Вкупната површина на овие разладни комори, во кои ќе се чуваат негативите и архивските копии, изнесува 100 квадратни метри и има капацитет од 12.000 филмски кутии. Оптималните услови кои ги обезбедува системот за чување се температура од 4 до 12 степени и влажност од 40 до 50 проценти. Но, освен овие депоа Кинотеката доби и три депоа за чување на музејски експонати, видео материјали и пишувана и фотографска документација. Во Кинотеката исто така ќе бидат сместени и работните простории во кои спаѓаат лаборатории за чистење на филмови и за отстранување на недостатоците на филмските ленти, за филмска и електронска монтажа, како и за филмскиот каталог и базата на податоци.
„Сега можам да бидам мирен. Навистина се чувствувам многу среќно и задоволно што сега ќе знаеме каде и во какви услови се чуваат нашите филмови. Порано, кога бевме во рамки на Југославија, честопати и не знаевме каде се наоѓаат копиите на нашите филмови, дали во Србија или во Хрватска. Сега, не само што знаеме каде се, туку и во какви современи и оптимални услови се чуваат. Во филмовите, кои се наши деца, вложуваме многу и тоа што сега знам каков третман ќе има тоа мое дете, ме прави исклучително смирен“, ни рече режисерот Столе Попов, кој симболично со црвена машна својот филм „Дае“ го донираше како прв филм во оваа по малку футуристичка филмска архива.
А ова е само првата фаза од реализацијата на капиталниот проект на Владата и Министерството за култура на Македонија за Обнова и ревитализација на Хавзи-пашините конаци, објектот во кој ќе биде сместена целокупната светска филмска продукција. „Со денешниот чин на пуштање во употреба на новите депоа за чување на националниот аудиовизуелен фонд, богатите филмски артефакти во земјата на Милтон и Јанаки Манаки ќе останат впечатливо сведоштво за историјата и културата на нашата држава за многу генерации. Конечно, многубројните ексклузивни архивски материјали сочувани низ годините, меѓу кои има 15.000 филмски копии, 70.000 документи, повеќе од 39.000 фотографии, ќе бидат соодветно заштитени“, рече министерката за култура Канческа - Милевска, потенцирајќи дека делата на многу кинематографи ќе имаат можност да не надживеат нас и генерациите по нас. „Со овој проект кој е најголем во областа на аудиовизуелната дејност, додаде таа, ќе се заштити целото наше наследство. Овие депоа заедно со големиот објект во Хавзи-пашините конаци ќе се претворат во најсовремен простор за целокупното филмско богатство кое го поседува нашата земја.
На овој свечен и исклучително значаен чин дојдоа и претставници на кинотеките од Хрватска, Словенија и Романија. Директорката на романската кинотека, д-р Анка Митран, ги поздрави присутните во име на Меѓународната федерација на филмски архиви, а Петар Волнаровски, виш филмолог во Кинотеката на Македонија, го прочита поздравниот говор на Хишаси Окаима, претседател на оваа асоцијација, кој меѓудругото рече дека Кинотеката завршила макотрпна работа особено во еден ваков период на глобална рецесија. А во тој контекст да кажеме дека во овој проект се вложени 200.000 евра. Коментарите на сите беа дека не можат да веруваат со колку малку средства е сето тоа направено и колку рационално. Но, она што е најважно, како што рече директорката на Кинотеката Ѓоргоска Илиевска, е дека е направен огромен чекор со кој аудиовизуелното наследство конечно доби соодветен третман на значењето кое го има.