„Ескуријал“ на Мишел де Гелдерот премиерно на МОТ
Меѓународниот театарски фестивал МОТ и Градскиот театар Скопје во копродукција со Драмскиот театар, ја најавуваат првата премиера што ќе се одржи во рамките на 34. издание на меѓународниот театарски фестивал МОТ. Станува збор за „Ескуријал“ по текст на Мишел де Гелдерот, што ќе ја режира Ристо Алексовски.
Мишел де Гелдерот е еден од најпроблематичните автори на постмодерниот театар, препознатлив по исклучително остриот естетски и тематски авторски потпис, секогаш скицирајќи и препознавајќи ги болестите на општеството и на индивидуата. Пиесата во себе ја носи темата на оправданото насилство, насилство чиј лајт-мотив е апсолутната фиктивна морална правда. Самото дејство е позиционирано во подземјето на кралскиот двор, крал кој е последниот потомок на една болна и убава раса, чија кралица умира и еден фламански верен шут што е многу тажен. Низ играта на двајцата се осознаваат бизарностите на круната и кралската должност наспроти чистината на емоциите на еден шут кој не може да се смее.
Во претставата играат актерите Сашо Тасевски и Рубенс Муратовски. (К.Р.) |