Театрите „Лица без маски“ и „007“ станаа членки на ИАТА
Претставници на Драмскиот аматерски центар при Младинскиот културен центар, Интернационалниот фестивал на аматерски, алтернативни и експериментални театри „Лица без маски“ и матичниот Театар 007, присуствуваа на 29. Конгрес на ИАТА (Интернационална аматерска театарска асоцијација), каде што беа примени за асоцијативни членки. Конгресот се одржал од 17 до 26 август, во форумот „Грималди“, во Монако, во рамките на 14. Светски фестивал на аматерскиот театар „Мундијал ду театре - Монако 2009“.
Присуството на Конгресот и статусот асоцијативен член, со следењето на програмата на Фестивалот, велат претставниците на театрите, било можност да се гледаат голем број претстави на театарските групи од 24 земји од сите пет континенти, кои играле на своите национални јазици, со своите најразлични искуства и театарски израз, како и тоа да се остварат значајни средби поврзани со учеството на аматерски театри и театарски групи на третиот ИТФ „Лица без маски“, што ќе се одржи од 5 до 10 март 2010 година.
Воедно, била искористена можноста да се претстави нашиот веќе познат фестивал „Лица без маски“, како и во согласност со интересот да се поделат и информативни материјали со ДВД-снимки на претставите на Театар 007, кој е веќе афирмиран по успешните настапи на повеќе меѓународни фестивали. (К.Р.) |