Македонските пејачи
Вредни како пчели пред Нова година
Македонските поп-пејачи подготвуваат албуми, песни и спотови како дел од есенско-зимските музички активности
Катерина Шекеровска
Македонските поп-пејачи работат вредно пред пристигнувањето на Новата година, кога традиционално, поголемиот дел од нив се распродадени за дочекот на 2010 година. Што се крчка во овој период на домашната естрадна сцена, се подготвуваат ли нови песни, албуми, спотови? Дали и колку познатите вложуваат во својата кариера или чекаат подобри времиња за исполнување на зацртаните планови по кои би требало да се одвива нивната кариера?
Периодов интензивно се подготвува новиот проект на Тоше Проески, кој дефинитивно ќе го одбележи почетокот на новата година, јануари, кога ќе излезе долгоочекуваниот носач на звук, второ постхумно издание на Тоше Проески, со работен наслов „Тоше и пријателите“. Како што пишувавме, на него ќе се најдат околу осум композиции, напишани од Проески, а промоцијата ќе се случи на концерт токму на денот на неговиот роденден - 25 јануари 2010 година.
Момчето кое стана познато благодарение на шоуто „Операција триумф“, Александар Белов деновиве ја лансираше новата песна „Нема подобро нешто“, дело на авторите Јован Јованов (музика и текст) и Дамјан Лазаров (аранжман). Моментално е во подготовка и спот за истата тема, додека остатокот од времето пред новогодишните празници, Белов го користи за патување во Белград, каде што се во тек подготовките за концертот на ѕвездите на шоуто „Операција триумф“, што ќе се одржи кон средината на декември. Во меѓувреме, младиот пејач продолжува и со живите настапи низ земјава (најчесто преку викендите), а е ангажиран и во снимање на новогодишни ТВ- емисии. Александар Белов работи и на подготовка на својот прв албум.
Кантавторот Ѓорѓи Крстевски е актуелен со вториот тираж од последниот албум „Она најдобро од нас“ што го промовираше летово, а деновиве го сними и спотот за песната „По милионити пат“. Тој наскоро подготвува и изненадување за неговата публика со уште едно цд, кое за разлика од претходното „Она најдобро од нас“ нема да биде авторско. Во меѓувреме, Крстевски го подготвува и концертот што би требало да се одржи на почетокот на следната година.
Момчињата од дуото „Некст тајм“ се подготвуваат за својот прв солистички концерт што ќе се одржи кон крајот на месецов во Универзална сала, што како награда ја добија благодарение на минатогодишната победа на Радискиот фестивал. Мартин и Стефан секојдневно вежбаат со бенд во МКЦ, а пред публиката најавуваат и промоција на нова песна.
Ексклузивците на продукција „Република“ се активни оваа есен, а со истото темпо ќе продолжат и во зимскиот период. „Во текот на декември конечно ќе се случи промоцијата на деби-албумот на Влатко Лозаноски, на кој ќе има 11 песни, меѓу кои се и неговите големи хитови „Сонце не ме грее“, „Блиску до мене“, „Нема да е крај на свет“, но и неколку нови кои се во поп-рок стил“, информираат од „Република“. Уште еден нивни ексклузивец - Димитар Андоновски има нова песна „Ова небо знае се'“, за која овој месец ќе снима и спот што ќе излезе пред Нова година. Во меѓувреме, Димитар и авторот Лазар Цветкоски работат на песните од неговиот деби-албум што ќе излезе на почетокот на наредната година.
ДНК ги подготвуваат песните за нивниот нов албум што ќе излезе во февруари. Албумот го работат со Врчак, кој подготвува песна и за Орхидеја Дукова, победничка на шоутото „Моја ѕвезда“.
Пејачот и автор Роберт Билбилов е ангажиран околу албумот на Адриан Гаџа. „Албанската верзија е веќе готова, а македонската ќе биде наскоро“, додаваат од „Република“ кои најавуваат и снимање спотови за некои од песните на албумот. И Магдалена Цветкоска ја подготвува својата нова песна која ќе биде во РиБ стил, придружена со спот. Песната ја преработи нејзиниот брат Лазар Цветкоски, кој, исто така, ја работи и новата песна на Дарко Илиевски, што ќе излезе овој месец.
Елена Ристеска деновиве го промовираше својот најнов спот за песната „Доста”, кој ја означи и нејзината соработка со млечната индустрија „Олми“, на која Елена во иднина ќе биде заштитно лице. Таа го смени и имиџот и ја потстрижа долгата коса. „Доста“ е најава за нејзиниот трет студиски албум кој повторно го работи со Дарко Димитров.
Нејзиниот колега Ламбе Алабаковски заслужи одмор по неодамнешниот одличен концерт во Универзалната сала, иако и него и Елена во наредниот период ги очекуваат нови настапи и патувања.
По победата на „МАРС 2009“, Влатко Илиевски забрзано работи на својот прв солистички концерт, резервиран за Денот на вљубените, 14 февруари во Универзалната сала, која ја доби на бесплатно користење поради победата на Радискиот фестивал.
Поп-дивата Калиопи неодамна ја сними песната што ќе биде дел од компилацијата „Милиграм“, на која гостуваат најголемите балкански ѕвезди на српскиот композитор и продуцент Александар Милиќ – Мили и ќе се најде во продажба на 15 декември.
Пред доаѓањето на Новата година се најавува и ново цеде на групата Анастасија, насловено „Anastasia – 1994 Live 2001“, снимено во живо и на кое се наоѓаат девет композиции.
Каролина веќе се подготвува за наредниот албум и собира песни од најпознатите балкански автори, а на ново цеде работат и Верче Пандиловска, Тони Зен, како и Јован Јованов. За радост на фановите, во почетокот на наредната година ќе можеме да слушнеме нова музика и од дуото Дуле и Коки, кои најавуваат песни во побрз ритам. Во меѓувреме, тие се актуелни со живите свирки чија бројка станува се' поголема во пресрет на новогодишната вечер, додека за дочекот ќе останат во Македонија со настап во еден струмички ноќен клуб. На нов сингл работат и Ноне Неделковска и Андријана Јаневска, додека Маја Гроздановска – Панчева и натаму останува рекордерка во најава и подготовка на нов албум, кој искрено се надеваме дека наредната година, сепак, ќе го здогледа светлото на денот.
Конкурс за „Евросонг 2010“
Атрактивен за повеќето поп-пејачи е и актуелниот конкурс за композиции што ќе бидат изведени на фестивалот на забавни мелодии „Скопје 2010“, кој ќе се одржи во февруари 2010 година. На него ќе бидат изведени 28 композиции, по 14 во две полуфинални вечери, а победничката песна ќе не' претставува на „Евросонг 2010“ во Осло, Норвешка. |