ЏЕНИФЕР КОЛИН
Фаворитка за „Мис на светот 2009“
Мисицата на Порторико, Џенифер Колин, е потенцијална кандидатка за освојувањето на титулата „Мис на светот“, според светските спортски обложувалници каде што веќе со седмици е прва фаворитка. Дека Џенифер навистина има голема шанса да се закити со оваа привлечна титула на изборот, што оваа година ќе се одржи во Јоханесбург, докажува и титулата на „Топ-модел“, што ја освои пред неколку дена.
Оваа убава бринета е студентка по архитектура, нејзино хоби се одбојката, свирењето клавир и сликарството, а животно мото и' е: „Во животот не е важно да се заштитите од падот, туку како потоа ќе станете и ќе продолжите понатаму“.
Џенифер на својот профил за „Мис на светот“ навела дека омилена храна и' е суши, а најмногу сака чај, открила како се подготвувала за натпреварувањето во Јужноафриканската Република, што ќе се одржи на 12 декември.
„Моите подготовки беа: вежбање во теретана, читање и бројни средби со модните дизајнери“. Џенифер додала дека обожава да се фотографира и да позира, а на прашањето која е единствената работа без која не може да живее, одговорила дека тоа е чоколадата.
„Што се однесува до натпреварот, се трудам да бидам она што сум, а себеси се гледам како личност што има многу самодоверба, љубов и сочувство, на што и самиот живот ме научи“, изјавила Џенифер.
Оваа 20-годишна девојка нема идол во животот, но и' се восхитува на својата мајка, која е медицинска сестра. И покрај напорната работа таа отсекогаш била посветена мајка на Џенифер и на нејзиниот хендикепиран брат.
За себе вели дека е обична девојка, често сака да ги цитира Далај Лама и Махатма Ганди, па се труди да живее по принципите на овие големи луѓе.
|