СУЗАН БОЈЛ
Дебитантски рекорд во продажба
Сузан Бојл сега може да се пофали дека го оствари својот сон. Нејзиното ЦД „Јас сонував сон“ во првата седмица во Велика Британија е продадено во неверојатни 410.000 примероци. Со ова таа постави нов рекорд кога станува збор за дебитанско издание, а истовремено го зазеде и четвртото место на листата на најпродавани албуми во Англија на сите времиња.
Сузан, која се прослави со настапот во шоу-програмата „Британија доби талент“, минатиот понеделник го објави својот долгоочекуван дебитантски албум, а веќе со златни букви влезе во историјата на британската музика.
Досега, дебитантскиот рекорд го држеше Леона Луис, со 376.000 продадени примероци од албумот во првата седмица. Според процените на експертите, албумот на Сузан веројатно ќе биде и најпродаван оваа година, а по продажбата таа ги собори и ѕвездите, како што се Роби Вилијамс, Еминем и бендот „У2“.
Сузан може да се пофали и со деветото место на топ-листите, што го зазема обработката на нумерата „Диви коњи“, чиј изведувач е групата „Ролинг Стоунс“.
Нејзиниот успех ги изненади само оние што претходните неколку месеци не го вклучиле телевизорот или не читале весници, бидејќи медиумите ја следеа Сузан од нервниот слом по освојувањето на второто место во емисијата „Британија доби талент“, заздравувањето, козметичкото препородување, па се' до најавите дека албумот го нарачале десет илјади луѓе, два месеца пред да биде издаден. |